Што да се каже за Македонија, а да не звучи премногу песимистички? Во 2014, Македонија е меѓу најсиромашните земји во Европа, но со највисока класна раслоеност; таа во сите меѓународни листи котира како неслободна земја со хибриден, про-авторитарен режим; а згора на тоа е земја во која политичките елити ја користат етно-културната хетерогеност за стимулирање етно-националистичка мобилизација. Во 2014, култот кон Античка Македонија го достигнува својот зенит, а политиката на менување на историските симболи на државата продолжува со предлогот за нов грб, кој има сомнителен историски контекст; меѓуетничките тензии ескалираат на секои неколку месеци; а општествениот дискурс се клерикализира, притоа длабоко задирајќи во правата на жената. На надворешен план, Македонија е или скарана или во пасивно-агресивна заедничка врска со соседните земји, и има проблем со формулирање на својот светоглед кон светот и одбирање, и придржување кон стратешките определби. На само 2 милиони жители (а прашање е дали и толку жители останаа во Македонија по масовните иселувања), во ситуација на сеопшта деморализираност, разочараност и култура на „аморален фамилизам“ (каде што политички приоритет е материјалниот интерес на поединецот и неговото семејство, па макар и по цена на јавното добро), општественото ткиво е во фаза на се’ поголема фрагментација.

Во овој текст, накусо ќе ја изложиме нашата анализа за патот на Македонија до дното, и идеите за натамошно делување на младата, но амбициозна левица во земјата.

ЛEКЦИИ И НАСОКИ ЗА ЛЕВИЦАТА ВО 2015

Условите во кои левицата во Македонија дејствува стануваат се’ потешки. Власта се’ повеќе ја зајакнува својата контрола над општеството и големо прашање е дали воопшто би дозволила некогаш да биде поразена на избори. Несигурноста на работното место, во голема мера предизвикана од големата невработеност, ги пасивизира работниците и ги тера да се задоволуваат со минимални приходи, иако тие се се’ помалку и помалку од година на година. Етно-национализмот успешно се користи за одвлекување на вниманието на граѓаните од реалните проблеми со кои тие се соочуваат секојдневно. Неотстапувањето на власта пред барањата на помасовните протести во последните години ја зголеми апатијата кај голем дел од оние што беа подготвени да излезат на протести. Несолидарноста кон останатите загрозени станува се’ пораширена карактеристика за се’ повеќе граѓани.

Досегашните главни институционални и вонинституционални механизми на отпор кои левицата ги ползуваше (пред се’ протести и преку претставки до Уставниот суд) и’ се во голема мера блокирани. Власта не отстапува пред барањата на оние кои протестираат, без разлика колку масовни да се протестите или колку скромни да се барањата и вешто ја користи својата медиумска доминација за искривоколчување на вистината, и прикажување на незадоволството како нелегитимно. А Уставниот суд веќе неколку години е целосно под контрола на владејачките партии па и најдобро аргументираната претставка најчесто паѓа придружена со најбанални образложенија.

10372115_10152645468419092_3447194665899565417_n

Но, и покрај овие сериозно отежнувачки услови, левицата во Македонија се консолидира и полека но сигурно зема замав. Бројот на организирани левичари иако не е сеуште на потребното ниво, е во постојан пораст. Во 2014, година се одржа најмасовен и најенергичен протест за Први мај досега, на кој, првпат, ко-организатори беа и неколку не-жолти синдикати. Левичарските активисти успешно учествуваа во најмасовните студентски протести од самостојноста на Македонија, и се активно вклучени во низа иницијативи, како на пример оние против новите давачки за хонорарната работа. Левицата полека се поврзува и со зелените и еколошки иницијативи и движења, и гради соработка со нелевичарски граѓански и невладини организации со кои споделува заеднички интереси.

Левицата е исто така се’ повеќе видлива, и успешно наметнува теми во јавниот дискурс на земјата со што се влијае на начинот на размислување на граѓаните. Голем дел од социјално загрозените граѓани имаат позитивно мислење за левичарските организации и полагаат голема надеж во нив. Всушност, степенот на поддршка за левицата во Македонија, со исклучок на Грција и Словенија, е веројатно најголем на Балканот. Идејата за левичарска политичка опција, особено по урнекот на грчката СИРИЗА или шпанскиот Подемос, станува се’ поприфатлива за македонската јавност.

Оваа зголемена јавна поддршка исто така значи дека очекувањата од левицата се зголемуваат, и во иднина таа ќе треба да цели многу повисоко од она што таа го работеше претходните седум години од кога постои континуиран левичарски активизам. Впрочем, и самите активисти почнуваат да бидат незадоволни од нивото на влијание што го имаат врз донесувањето политички одлуки. Недемократскиот амбиент во земјата наведува на заклучок дека во моментов конкретна акција е и понужна од било кога. Сето тоа бара поголем ангажман, но и поголемо изложување на ризици од страна на левичарските организации и активисти.

10306384_873777679314737_6087099639621225316_n

Притоа, значителната поддршка од јавноста не смее да се преценува. Тоа е поддршка, често и силна во интензитет, но пасивна по квалитет – поддршка за другите нешто да направат за решавање на проблемот што засегнатиот граѓанин го има без при тоа тој, засегнатиот граѓанин, воопшто да придонесе во решавањето на својот проблем. Дополнително, незадоволството од власта кај многумина често пати е водено од личен интерес, без поголема свесност за страдањето на другите и за системскиот корен на индивидуалните несреќи. При идното делување левичарите ќе трба да се справуваат со „вербата во Спасителот“ кој дошол за магично и прекуноќ да им ги реши проблемите на луѓето. Левичарите ќе мора да работат на создавање свест за корените на проблемите, развивање на солидарност помеѓу различните незадоволни групи, и инспирирање на што поголем број на луѓе да се активираат во борбата за подобро утре. Она што треба се каже јасно и гласно е дека без широка и одлучна акција работите нема да станат подобри, туку евентуално само ќе се влошат. Без широка мобилизација на непривилегираните во Македонија не е возможна промена без разлика на ангажманот и самопожртвуваноста на левичарските активисти.

На левицата во Македонија во 2015 и’ се отвора можност да излезе од маргиналноста. Но, можноста која и’ се пружа не значи и дека нужно таа ќе се оствари. Пречки на патот поставува и себе-перцепцијата за сопствената малубројност и неефективност, внатрешните конфликти како и самозадоволувањето со ситни успеси. Важно прашање што таа ќе треба да си го постави и одговори е каков треба да биде активизмот во една економски опустошена и растечки недемократска држава.

RAS_7675 (1)

Во оваа фаза од нејзиното постоење, левицата треба да го води и забрза процесот на проширување и зацврстување на фронтот против неправедната распределба на ресурсите, експлоатацијата, национализмот и патријахализмот, и пред се’ против конкретната владејачка коалиција во чии темели е неправдата. Тоа ќе се постигне преку натамошно сојузување со работничкото и студентското движење, како и организациите кои се борат за социјална правда и кои ги застапуваат различните сегменти на македонскиот прекаријат, кој станува се’ поброен. Патот ќе биде долг и трнлив. Левицата има зад себе значајно искуство и капацитет за поголеми потфати, но нејзиниот краен успех директно зависи од тоа дали таа ќе успее да предводи широка политичка мобилизација во периодот што доаѓа.

Линк до првиот дел од текстот.

Линк до вториот дел од текстот.

Линк до третиот дел од текстот.