Што да се каже за Македонија, а да не звучи премногу песимистички? Во 2014, Македонија е меѓу најсиромашните земји во Европа, но со највисока класна раслоеност; таа во сите меѓународни листи котира како неслободна земја со хибриден, про-авторитарен режим; а згора на тоа е земја во која политичките елити ја користат етно-културната хетерогеност за стимулирање етно-националистичка мобилизација. Во 2014, култот кон Античка Македонија го достигнува својот зенит, а политиката на менување на историските симболи на државата продолжува со предлогот за нов грб, кој има сомнителен историски контекст; меѓуетничките тензии ескалираат на секои неколку месеци; а општествениот дискурс се клерикализира, притоа длабоко задирајќи во правата на жената. На надворешен план, Македонија е или скарана или во пасивно-агресивна заедничка врска со соседните земји, и има проблем со формулирање на својот светоглед кон светот и одбирање, и придржување кон стратешките определби. На само 2 милиони жители (а прашање е дали и толку жители останаа во Македонија по масовните иселувања), во ситуација на сеопшта деморализираност, разочараност и култура на „аморален фамилизам“ (каде што политички приоритет е материјалниот интерес на поединецот и неговото семејство, па макар и по цена на јавното добро), општественото ткиво е во фаза на се’ поголема фрагментација.

Во овој текст, накусо ќе ја изложиме нашата анализа за патот на Македонија до дното, и идеите за натамошно делување на младата, но амбициозна левица во земјата.

ПОЛИТИЧКИ ЗАТВОР: МАКЕДОНИЈА КАКО ЗАДРТ АВТОРИТАРЕН РЕЖИМ 

Една од главните карактеристики на неопребендализмот типичен за владеењето на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ во последните осум, односно шест години е тоа што нивните лидерства извршија „запоседнување“ на државата и општеството – освен апсолутна доминација во сите бранши на власта (законодавна, извршна и судска; како и во локалната самоуправа), тие имаат контрола (или ортаклук) со економските гиганти и ги контролираат најголемиот дел од масовните, но и новите медиуми. Нивните противници, па дури и некогаш силниот СДСМ, денес се инфериорни политички актери во споредба со нив. Фузијата на државата и коалицијата на власт е веројатно посилна од фузијата на партијата и државата во времето на реформскиот југословенски социјализам.

Второ, тешко е владејачките партии да се квалификуваат како репрезентативни и легитимни – тие, како што рековме погоре, се пред се’ кланско-клиентелистички. За да говориме за вистински претставнички и легитимен модел, треба да постои нормативно оправдување на врските на политичка моќ, односно граѓаните да даваат вистинска поддршка, која ќе биде условена од нивната визија за јавното добро. Но, тоа е тешко да се очекува од осиромашен народ, кој е згора на тоа поделен и по ентичка припадност. Во моментов, владејачките партии се во позиција на племенски старешини, т.е. единствени претставници на етничките интереси, и токму етничката припадност е основниот критериум на политичка идентификација и делување, кој во комбинација со клиентелизмот резултира во уникатна констелација на нов племенско пребендален капитализам.

slika

Трето, политичкиот „натпревар“ во Македонија е далеку од транспарентен и фер и честопати има белези на валкана игра. Вистинската моќ не извира ниту од институциите, ниту пак од народната поддршка – вистинската моќ лежи во најтесното раководство на Партијата на власт (кое патем, е во тесни фамилијарни-ортачки односи), и има свое име и презиме кое, кога е гласно споменато, чини илјадници евра казна за клевета. Тоа укажува дека во Македонија формалната политика е во суштина автократска драматургија, симулакрум, кој успева воедно да даде слика на некаква демократска фасада (постојат партии, избори итн.), но во исто време и се дава до знаење дека вистинската игра се одвива зад завесата. Но, настрана прашањата за концентрацијата на моќта, она што го прави натпреварот нефер за обичниот граѓанин се гласањето или политичкиот активизам поради притисок и уцена, како и постоењето на докази за фалсификувана поддршка, кои укажуваат на целосно погазување на основните демократски принципи. Најексплицитен пример за ваква практика беше носењето на гласачи од Пустец, Албанија (еден од најсиромашните предели на Балканот), кои преку ноќ добија македонско државјанство и ситен паричен надомест, и среде бел ден, регистрирани од медиумите и набљудувачите, непречено и без никакви последици го дадоа својот глас за режимот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Поради прекршувањето на правилата на фер игра, по последните избори во пролетта оваа година, опозицијата предводена од СДСМ одлучи да го бојкотира Парламентот. Иако бојкот на Парламентот од страна на главната опозициска партија значи сериозен удар за легитимитетот на владејачката структура во една демократија, власта во Македонија си продолжи по својот пат како ништо сериозно да не се случило.

За хегемонијата на ВМРО-ДПМНЕ (и ДУИ) голема заслуга има медиумската доминација – покрај целосната контрола врз јавниот сервис, речиси сите национални телевизии, речиси сите печатени медиуми и голем број онлајн медиуми се директно ставени во служба на власта. Во 2014 најдобар пример за ова беше случајот со „протечените“ телефонски снимки во врска со сомнителната продажба на Македонска Банка, афера во која главен протагонист е самиот Груевски и чиј глас, според независно вештачење од странство, се наоѓа на снимката. Иако објавени непосредно пред изборите, телефонските снимки кои во демократски околности би предизвикале политички земјотрес, допреа само до дел од пошироката јавност и резултираа само со парични казни за оние кои ги објавија. Впрочем, оние кои го креваат гласот против владејачката гарнитура неретко се контролираат преку гореспоменатите надреални, но крајно сериозни казни. Најчеста казна е онаа за клевета, која следува во случај на споменување конкретни имиња кои се поврзуваат со конкретни дела. Впрочем, неодамна беше променета и законската дефиниција за тоа што претставува клевета. Иако токму про-владините медиуми се оние кои најчесто шират невистини и говор на омраза, најзасегнати се оние ретки медиуми кои заземаат критички тон. Со парични казни заради клевета завршија еден новинар и главниот уредник на неделникот „Фокус“, а кога новинарите го прошируваат својот интерес онаму каде што не треба – тие завршуваат во затвор (случајот со Томислав Кежаровски, кој беше казнет со четири и пол години затвор за новинарска сторија, а кој сега е во домашен притвор, чекајќи на милоста од повисоките судски инстанци).

7E26D02B-BEB5-4E9C-86CC-02567D33EF82_mw1024_s_n

Оттаму, не треба да зачудува што по многу меѓународни мерења на слободата и нивото на демократичност, Македонија веќе неколку години по ред тоне. Фридом Хаус оваа година и официјално и’ го одзеде атрибутот “демократија“ и ја врати во класата на „транзициони и хибридни режими.“ Она што се случува во Македонија се’ почесто наликува на она што се случува во Русија, Турција и Унгарија – воведување на режим на нов десничарски авторитаризам.

Настрана од дистрибуцијата на ресурсите и начините на кои функционираат демократските институции, самиот дискурс и политички јазик кој владејачките елити во Македонија го користат е далеку од демократски. Во основа, тие водат хејтерска политика на оцрнување на противникот и заземаат само-виктимизирачки дискурс. Слушајќи ги настапите на Груевски и оние околу него, се добива впечаток дека тие доаѓаат од опозицијата, а не од зацементирана владејачка елита која е повеќе од осум години на врвот и која зад себе има четири последователни победи на парламентарните избори. Главни теми на медиумските настапи на ВМРО-ДПМНЕ не се нејзините политики, туку оние кои можат да го предизвикаат нејзиниот примат: најчесто СДСМ и Бранко Црвенковски, но и невладините организации, меѓународниот фактор, домашните „предавници“ и така натаму.

Во моментот кога настануваат нови движења и се јавуваат изблици на отпор кон нивната власт, тие по автоматизам лепат етикети и дисквалификуваат. Она што е страшно, е што ваквата практика ги осудува општествените движења, нивните идеи и нивните членови како политички неподобни, само поради наводна поврзаност со опозицијата или одредени странски донатори (врска што често пати е конструирана или погрешно претставена). Но дури и да постои – погубно е што одредени општествени актери се константно шиканирани, и изложени на вербално (и потенцијално физичко) насилство само поради своето политичко уверување. Власта промовира идеја дека никој не смее да има право на различно мислење и изразување на истото, и дека сите оние кои мислат различно, треба да бидат изземени од било каков консултативен процес.

cover_nationalism1

Реториката на власта е дополнително засилена со етно-национализам и верски клерикализам, кои под превезот на традиционалните вредности шират нетрпеливост. Скопје 2014 е речиси комплетирано, и се чини дека култот кон Античка Македонија го достигна својот зенит; впрочем, ВМРО-ДПМНЕ вели дека епитетот „словенски“ е навредлив за етничките Македонци. Спорот за името е доведен во состојба на нерешливост, и се чини дека односите со Грција, еден од најзначајните економски партнери, уште долго ќе останат во состојба на студен конфликт. Но новиот етнички македонски национализам е пасивно-агресивен и кон останатите соседи – тој е и антизападен, но и антибугарски, антисрпски, и антиалбански. Македонците се оставени сами на себе во свет кој заговорнички е навртен против нивните интереси. Во ова, наративот на „Голема Албанија“ има клучна улога, да плаши, и да обединува во „братска борба.“ Парадоксално, ВМРО-ДПМНЕ, партијата творец на таквата реторика, веќе шест години е во брак со ДУИ, партијата носител на албанскиот етно-национализам во Македонија. Па така, двете партии константно чепкаат во живите рани на македонското општество во обид да се легитимираат пред етничките заедници кои тврдат дека ги претставуваат. Ова е координиран процес, и повторно еден вид драматургија – се сценира непомирливост помеѓу позициите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Но и по бројните примери на наводна непомирливост на позициите, коалиционите партнери секогаш наоѓаат волја за компромис и за делење на власта – и на привилегиите што таа ги носи.

Ваквата етно-националистичка логика на функционирање на двете партии е погубна за политичката стабилност на Македонија. Само во 2014 имаше неколку случаи на ескалација на меѓуетничките тензии, во голема мера поттикнати од политичките игри на коалиционите партнери. Етно-национализмот се наметнува како главна идеологија на незадоволните граѓани, како и главна форма на поврзување и грасрутс мобилизација. Водени од длабоко вкоренетиот патријализам со релегиозни елементи (православно-христијански; односно муслимански) владејачките елити исто така наоѓаат конзенсус по прашањата за правата и улогата на жената – заеднички промовираат агенда на „многудетност,“ водат кампањи против правото на абортус; а имаат и консензус по прашањата на правата на сексуалните малцинства – директно враќајќи ја Македонија во 19тиот век.

ПРОДОЛЖУВА…

Линк до првиот дел од текстот.

Линк до вториот дел од текстот.