Што да се каже за Македонија, а да не звучи премногу песимистички? Во 2014, Македонија е меѓу најсиромашните земји во Европа, но со највисока класна раслоеност; таа во сите меѓународни листи котира како неслободна земја со хибриден, про-авторитарен режим; а згора на тоа е земја во која политичките елити ја користат етно-културната хетерогеност за стимулирање етно-националистичка мобилизација.

Во 2014, култот кон Античка Македонија го достигнува својот зенит, а политиката на менување на историските симболи на државата продолжува со предлогот за нов грб, кој има сомнителен историски контекст; меѓуетничките тензии ескалираат на секои неколку месеци; а општествениот дискурс се клерикализира, притоа длабоко задирајќи во правата на жената. На надворешен план, Македонија е или скарана или во пасивно-агресивна заедничка врска со соседните земји, и има проблем со формулирање на својот светоглед кон светот и одбирање, и придржување кон стратешките определби. На само 2 милиони жители (а прашање е дали и толку жители останаа во Македонија по масовните иселувања), во ситуација на сеопшта деморализираност, разочараност и култура на „аморален фамилизам“ (каде што политички приоритет е материјалниот интерес на поединецот и неговото семејство, па макар и по цена на јавното добро), општественото ткиво е во фаза на се’ поголема фрагментација.

Во овој текст, накусо ќе ја изложиме нашата анализа за патот на Македонија до дното, и идеите за натамошно делување на младата, но амбициозна левица во земјата.

НЕОЛИБЕРАЛНИ ПОЛИТИКИ, НЕОПРЕБЕНДАЛЕН ПОРЕДОК: АУТОПСИЈА НА ЕДЕН ЕКОНОМСКИ ПУСТОШ

Но сепак, македонската економија не е брзо-растечка и ресурсите кои може да се распределат преку бизнис договори се ограничени. Дополнително, како дел од креирањето слика на Македонија како „бизнис рај,“ ВМРО-ДПМНЕ за неколку години изврши неколкукратно кастрење на даноците – иако „слободните економски зони“ можеби остварија некаков раст, речиси целиот профит беше изнесен од земјата. Данокот на добивка беше намален на 10%; персоналниот данок на доход беше намален и беше воведен рамен данок од 10%; стапките на придонесите од плата беа намалени на 27%, странските компании кои инвестираат во „слободните економски зони“ беа изземени од плаќање на одредени даноци. Македонија стигна до таа точка со привилегирањето на газдите што Светскиот економски форум, во својот Извештај за компетитивноста во светот пет пати по ред ја прогласува Македонија за прва земја во светот според тоа колку малку државата ги оданочува газдите, претркувајќи ги земјите од Персискиот Залив, кои се нашироко познати во светот како земји каде што газдите се малку оданочени.

Немањето на субстантивен и одржлив раст и намалувањето на даноците, ја натера владата да посегне кон други начини на полнење на државниот буџет (кој се користи за партиски цели). Освен „традиционалното“ надворешно задолжување (надворешниот долг на државата од година в година рапидно расте), уште еден препознатлив белег на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ е се’ поинтензивното екстрактирање на средства од економијата и општеството преку воведување нови давачки за сиромашните и селективна примена на казните. При тоа, владата е доста умешна во тоа да изнаоѓа нови давачки и казни и, следствено, за полнење на буџетот, создавајќи привид дека се грижи за потрошувачите, пациентите, работниците и останатите категории засегнати граѓани.

Најновиот пример со плаќањето придонеси за хонорарната работа е можеби најиндикативен. Дел од работодавачите, со цел да плаќаат помали давачки кон државата, дел или целиот износ на платата на работниците им ја исплаќаат како хонорар, а не како плата, избегнувајќи дел од давачките за вработените. Од ваквата раширена практика оштетени беа и работниците и државата. Тврдејќи дека грижата на работниците и’ е на прво место, владата оваа година наложи и за хонорарите да се плаќаат придонеси.

10349967_1034511109908059_5807919242480159729_n

Со оваа нова регулатива, на пример, лица кои иако имаат здравствено осигурување, за секој нов хонорар ќе треба од ново да плаќаат придонес за здравствено осигурување, иако ќе имаат исти права на здравствена заштита со останатите. Но, пара-логиката на ова можеби е што на тој начин ќе се прибираат дополнителни средства во Фондот за здравствено осигурување, кој мака мачи со финансиите поради намалувањето на стапката на придонесот за здравствено осигурување и поради расипничкото менаџирање со парите од страна на Фондот.

Важно е да се напомене не сите хонорари се подложени на новата регулација. За хонорарите на државните службеници не е потребно да се плаќаат дополнителни придонеси. За сега, нема објаснување зошто токму за оваа категорија хонорарци не треба да се плаќаат придонеси. Но, имајќи предвид дека владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во голема мера им компензираат на своите поддржувачи преку хонорарно вработување (а притоа остваруваат целосна контрола, затоа што многу полесно е да се раскине хонорарен договор отколку комплетен работен однос) – политичката логика на ваквиот потег е јасна –понатамошна прераспределба на капиталот од џебовите на „обичните смртници“ во џебовите на лојалните.

Вооружени со нови основи за казнување и се’ повисоки и повисоки казни, државните органи пристапуваат кон своето легално рекетирање. Освен фирмите кои се блиски до власта, а кои се заштитени како „мечки во планина“, сите останати се мета на екстрактирањето дополнителни буџетски средства. Се наплаќа арач и за најмалиот превид и прекршок на многуте одредби по кои фирмите и граѓаните можат да бидат казнети. Особено омилен таргет на инспекторите се малите дуќанчиња во кои работи самиот газда и некој од неговото семејство. Овие дуќанчиња и така едвај преживуваат во времиња на криза; често пати арачот пропишан од разноразните инспектори се причина за затворање на тие мали дуќанчиња. Парадоксално, додека на краток рок ова го полни буџетот, на долг рок е поразително за сите засегнати страни – државата губи континуиран прилив на средства и се зголемува невработеноста.

tumblr_m44fzypxpc1qbr0g2o1_1280

Сепак, жртви на екстрактирањето дополнителни буџетски средства под превезот на спроведувањето на „владеењето на правото,“ не се само малите дуќанчиња. Честопати паѓаат и крупни риби, па дури и поранешни бизнис партнери на актуелната власт. Впрочем, една од најважните вештини на успешните бизнисмени во Македонија е внимателното навигирање на нивните односи со владејачката партија. Тоа е уште една инстанца во која политичката позиција, и следствено политичкиот капитал е пресуден: владејачката партија е во позиција да одлучи кој може да успее и да остане успешен, а кој не.

Како да се интерпретира ваквото владеење на режимот? Освен претпоставените лукративни мотиви на политичката елита, во македонскиот контекст, потенцијалот за конверзија на политичкиот во економски капитал е и главен фактор на политички единство и главно средство за политичка мобилизација. Во земја со хронично (и се’ подлабоко) класно раслојување и осиромашување, и се’ поголема неизвесност за оние кои не се дел од или поврзани со владејачката хиерархија, евентуалната материјална придобивка (или едноставно избегнување на заканата од државен рекет) може да биде значаен политички мотив. Иако ова претставува непотврдена емпириска хипотеза, доста веројатно е дека она што ја држи владејачката елита, партијата ВМРО-ДПМНЕ, нејзината коалиција со ДУИ и нивното гласачко тело заедно, е главно токму материјалниот интерес. Впрочем, стратегиите на придобивање голем број на гласачи на ВМРО-ДПМНЕ се јасни: доколку сакаш работа во јавниот сектор; доколку си земјоделец и зависиш од насушните државни субвенции; доколку имаш приватен бизнис и сакаш државните (и парадржавните) органи да те остават на раат – па дури и ако си во тешка здравствена состојба и зависиш од јавното здравство  – треба да гласаш, да обезбедиш дополнителни гласови, и финансиски средства за ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ.

Во голема мера, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ успеваат да ги наградат своите поданици и токму затоа овој модел опстанува и се зацврстува. Тој ќе опстане, се’ додека владејачките елити ќе можат да генерираат (и исцицаат) доволно ресурси за да може да се репродуцираат и да ги истиснат сите „страни“ елементи. Во општество поделено по политичка припадност, владејачките елити буквално земаат од оние кои не се „нивни“ за да дадат на „своите.“ Таквиот модел на владеење е неопребендален, и соодветствува на реалноста на многу други пост-комунистички земји.

ПРОДОЛЖУВА…

Линк до првиот дел