ЛГБТ работници и синдикати

Студија за позицијата на ЛГБТ работниците и односот на синдикатите кон нив

Состојбата со работничките права и функционирањето на
синдикатите во Република Македонија во последните дванаесет
години е доведена до најнизок степен од осамостојувањето на
државата. Одреден број на синдикати под капата на Сојузот на
синдикатите на Македонија (ССМ) беа под директна политичка
контрола од страна на владеачкото ВМРО-ДПМНЕ, што комплетно
оневозможуваше дури и минимално извршување на функциите на
синдикатите. Самите синдикати беа ставени во позиција да бидат
молчаливите потврдувачи на штетната политика на претходната
власт за правата на работникот. Таа разорувачка политика во
периодот на своето владеење не се одрази само на правата на
работниците и состојбата на синдикатите, туку и на припадниците
на ЛГБТ заедницата кои директно на своја кожа ги почувствуваа
последиците од угнетувањето како резултат од политиките на
демохристијанските конзервативци. Со отстранување на групата
„сексуална ориентација“ во Законот за спречување и заштита од
дискриминација, припадниците на оваа заедница беа ставени во
категорија „други“, која го отежнува докажувањето на дискрими-
нација по основ на сексуална ориентација. Сепак, заедничкото
помеѓу сите останати граѓани на Македонија кои не се дел од ЛГБТ
заедницата и оваа заедница, е тоа што најголемиот број од нив
се работници. Сите тие придонесуваат во општеството со својата
работа, плаќањето на даноците, почитувањето на законите.

Стигматизацијата и дискриминацијата на ЛГБТ припадниците
се секојдневни појави, не само на улица, туку и во рамки на систе-
мот. Но, целта на ова истражување не е да се види колку овие луѓе
се дискриминирани во општеството, туку да ја увидиме нивната
дискриминираност во нивната позиција на работници. Колкав,
и кој е видот на дискриминација кои тие го трпат во рамките на
своето работно место, дали постои разлика во дискриминацијата
по основ на работното место, дали еден фабрички работник, под
услов дека е отворено деклариран како хомосексуалец е повеќе
дискриминиран од еден адвокат? Од друга страна, дали постои
интерес на синдикатите за оваа група на работници и нивни члено-
ви? Дали тие имаат ЛГБТ членови, дали покажале интерес за нив,
постои ли желба кај синдикатите за заштита на овие работници?