Левичарското движење „Солидарност“ почнува со објавување на филмови со македонски превод. Прв на листата е „Солта на земјата“ снимен во 1954 година.

„Солта на земјата“ (1954) е филм режиран од Herbert Biberman, по сценарио на Michael Wilson и продуциран од Paul Jarrico. Сите тројца биле на „црната листа на Холивуд“ поради „ширење на комунистичка пропаганда и левичарски политики“ и поради оцрнувањето имале забрана да се занимаваат со филм. Филмот го снаоѓа истата судбина – малку театри сакаат да го прикажат затоа што америчкиот естаблишмент остро го напаѓа поради „комунистичките симпатии“ во филмот или како што еден филмски критичар го нарече филмот „директива од Московски Кремљ“. Но во 1992 година, Америка ја „исправа“ неправдата, со тоа што „Солта на земјата“ го внесува во Националниот Филмски Регистар поради неговата „културна, историска и естетска важност“.

Во филмот автентично е прикажана работничката борба во рударски град во Ново Мексико, изразена преку штрајкови организирани од синдикатот на рударите и ковачите, со цел да се изборат за работнички права и подобар живот. Снимен во нео-реалистичен стил, продуцентите и режисерот на филмот наместо глумци користеле луѓе кои биле членови на синдикатот кои го организирале штрајкот од 1950 до 1952 година во Ново Мексико врз кој е базиран филмот. Во тој штрајк работниците се бореле за: крај на расистичките дискриминаторски работни услови, еднакви примања и подобрување на мизерниот живот на рударите. По огромната закана и насилство од страна на работодавците, полицијата и штрајкбрејкерите, синдикалците се повлекле од улиците и работните места, но нивните жени (кои не биле вработени) го превзеле организирањето на протестот, за да може штрајкот да преживее. На ваквиот пресврт, дури и некои од синдикалците се бунеле, затоа што сега тие требало да се грижат за децата, да чистат и перат во своите домови.

Феминизмот и интерсекционалноста во филмот го прават да биде пред своето време. Заедничката борба за социјална правда на; мажите и жените, Англо-Саксонците и Латино Американците, дава педагошка перспектива која никогаш не преминува во ефтина пропаганда. Преку здружување на различни идентите гледаме како конфликтот помеѓу експлотираните и ранливите се префла и конвергира кон експлотирачите.