Несигурни работни места со договори од еден до шест месеци. Непочитување на работното време. Задоцнети плати. Непостоење на колективни договори. Оневозможување на синдикално и работнички организирање. Ова се само неколку од најчестите кршења на работничките права во Република Македонија.

Од нечовечки услови за работа до нето плати понекогаш и под 8000 денари, состојбата со работничките права е особено лоша во текстилната, чевларската и кожарската индустрија. Овие дејности важат за родово сегрегирани – над 60 проценти од вработените се жени.

Во рамки на трибините за економска демократија што ЛД „Солидарност“ ги организира деновиве низ Македонија, во Штип се сретнавме со сегашни и поранешни текстилни работнички, како и со работнички во фабрики што се основани со странските директни инвестиции во земјата. Во пресрет на Меѓународниот ден на борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност, разговаравме со работничките од Штип за нивните права, меѓусебна поддршка и одбележувањето на 8 Март, ден што започна со одбележување на штрајкот на Меѓународниот синдикат на текстилните работнички (International Ladies’ Garment Workers’ Union).

Еве ги нивните искуства и желби.

Работничка во конфекција

Секогаш го барам моето право. Во една фирма кадешто работев, техничката директорка и мајсторицата ме избркаа од работа. Јас работам на пеглање и никогаш не сум одбила работа. Јас си ја сработив мојата работа што ми ја донесе едната мајсторица, па зедов уште работа од нашата бригада. После дојде другата мајсторица и ми донесе уште работа и и’ реков дека не можам. После ми напишаа отказ.

Во првата фирма, сите бевме сложни, еден за сите, сите за еден. Од таму бев избркана. Во оваа каде што сум сега, секој за себе.

Оваа година 8 Март сакам да ми го честитаат така што ќе ги имам сите работнички права и што ќе си ја земам платата што ја заслужувам.

 

Работничка во фабрика на странски инвеститор

Првпат бев обесправена кога ми го намалија годишниот одмор на пет дена затоа што имаше екстра работа. Без да ме прашаат.

Поддршка нема. Индивидуално се снаоѓаме сами, секој како знае.

Осми март оваа година сакам да ми биде честитан во странство.

 

Поранешна работничка во конфекција

Бев во вработена во конфекција и штотуку се породив со второто дете и ме тераа да одам на работа во сабота. Знаев дека не треба тоа да го прават. Наместо до три, останував до пет-шест, до кога има работа. Дури и неделите ги работевме. И на крајот од месецот, добив плата 7 000 денари.

Жените беа постари од мене и ми викаа: „Сине, што ќе правиш, ќе навикнеш, така е тука. Жал ни е за тебе, ама кај ќе одиш, секаде е исто. Тоа е тоа.“

Доколку бев моментално вработена, ќе сакав за 8 Март да ми кажат: „Фала што си дел од тимот, добар работник си, среќен 8 март.“ А дома си го добивам потребното внимание.