Не постои недела, слободен ден ниту државен празник за вработените во ШИК маркетите во Битола. Работат секој ден, во недела, за Божиќ, Бајрам, Велигден, 1ви Мај….од 08 до 22 часот.

Платата која ја добиваат вработените е минималната 9,000 денари, а условите во кои што работат без слободен ден се ужасни а и не ретко се изложени на мобинг. Ниту леб ниту рози има за нив – ниту доволно за пристоен живот ниту достоинство. Овај маркет веќе 23 години работи на овај начин и се рекламира како успешен маркет, со големи наградни игри и попусти со клуб картички, а не верувам дека никој од нас не ги забележал уморните лица и наведнатите глави на вработените. Ништо подолу не се ни КАМ маркетите кои се познати по тоа што најмногу ги менуваат вработените поради платата и условите под кои тие работат.

Состојбата во текстилните фабрики е подеднакво ужасна – се работи неплатено за викенди, вработените не добиваат на време плата и регрес за годишен одмор (случајот со текстилната фабриката Родон), а доколку добијат регрес за годишен одмор принудени се да го вратат, или пак работат непријавени и на црно, потпишуваат бланко документи, во зима работат премрзнати, без греење а во лето се варат, без клима (текстилна фабрика Мокел). Капак на тоа се нереалните норми и бројки кои треба да ги сработат! А платата се движи околу 8,000 ден. Годишен одмор не постои – него го определува газдата, кога нема побарувачка тогаш работниците/чките се на годишен одмор, често пати неплатен.

Спасот вработените од КАМ, ШИК, текстилните фабрики го гледаат во фабриката за кабли Кромберг и Шуберт во Жабени каде платата е нешто поголема, околу 12,000 ден, не се работи за празници но и тука постои силен мобинг како и притисок за исполнување нереални норми. Да не ги заборавиме големите маркети ВЕРО, ТИНЕКС и сличните, со таа разлика што тука платите се малку поголеми а за време на државните празници се работи со скратено  (за 2-3 часа) работно време, но повторно мобингот и психичкиот терор е скоро секогаш присутен.

И зошто ние за тоа не зборуваме?! Каде е синдикатот кој треба да ги брани правата на овие работници? Како ние да им помогнеме? Зарем толку сме станале себични и опседнати со себе си?! Како ние обичните граѓани да им помогнеме на измачените вработени од маркетите, фабриките?

Постои начин со кој што секој од нас барем на некој начин ќе се солидаризира, барем малку ќе ја врати надежта и ќе им го стопли срцето на вработените од маркетите а тоа е бојкот и некупување во недела и за празници! Нема да умреме од глад ако не одиме во шопинг во недела. Можеме да покажеме дека солидарноста постои и дека суровиот капитализам и конзумеризмот нема да ја уништат човечноста и желбата за помагање. Можеби газдите нема да ги затворат своите маркети во недела и за празници, но барем вработените ќе можат за момент да здивнат, да одморат и да размислуваат за решение, за излез, за синдикално организирање и барање на своите права, за здружување. Да зборуваме јавно, да зборуваме и да викаме гласно за секоја неправда и да ја осудиме секоја суровост и нечовечност и да излеземе на улица – тоа можеме да го направиме. Да не се правиме дека не ја забележуваме мизеријата околу нас и рамнодушно да уживаме во првомајскиот пикник и скара.

Не купувајте во недела, не купувајте за 1 Мај, не одете на пикник, излезете на улица!

Леб за сите но и рози!

Пост скриптум

Слоганот „Леб и рози” е поврзан со штрајкот на текстилните работнички (главно емигранти/ки) во Лоренс, Масачусетс, САД во јануари – март 1912, во денешно време познат како штрајкот за „леб и рози“ – штрајк за пристојни плати но и за достоинство и почит. Штрајкот ги обединил работниците и работничките од 51 различни националности и траел нешто повеќе од 2 месеци, побивајќи ги претпоставките на конзервативните работнички синдикати во рамките на Американската Федерација на Трудот дека емигрантите/ките, главно жени и етнички поделени работници/чки, нема никогаш да можат да се организираат и да побараат подобри услови за работа, намалување на работната недела и подобри плати.

cropped-header631