Кога се осврнуваме на 2014 година, имаме причина и за голем револт и за големо задоволство. Револтот е поради тоа што 2014 беше година во која народот уште повеќе осиромаши, а власта веќе и дефинитивно стана недемократска. Но, она што претставува големо задоволство за нас е што 2014 година беше и година на досега најсилно изразен револт на обесправените во Македонија, а што кулминира со протестите на студентите и хонорарните работници на крајот од годината. Посебно задоволство ни претставува и јакнењето на самата наша организација. Левичарското движење „Солидарност“ ја заврши 2014 година со двојно зголемено членство, со голем број активности и со големи симпатии и поддршка од граѓаните.

ПРОТЕСТИ

Во 2014 бевме ко-организатори на три протести и дадовме солидарна поддршка на редица други протести. Бевме ко-организатори на Протестот за солидарност со народот во БиХ (во февруари, заедно со Движењето за социјална правда „Ленка“), на Првомајскиот протест во Скопје и Куманово (заедно со другите потписници на Синдикалната повелба) и на протестот против плаќањето придонеси за хонорарите (во декември, заедно со другите потписници на Синдикалната повелба и други здруженија на граѓани). Заедничкото организирање на протести е наша континуирана определба и показател на нашата отвореност за соработка. Особено сме задоволни од рекордниот број учесници и атмосферата која владееше на протестот на Први мај. И, се разбира, од протестот против плаќањето придонеси за хонорарите, кој беше досега најмасовниот протест во чие организирање учествуваше Солидарност.

Од протестите кои ги поддржавме и на кои учествуваа нашите членови ќе ги издвоиме: неколкуте протести на стечајните работници во Скопје и Куманово, студентските протести во Скопје и Куманово, протестите за чист воздух во Битола, против загадувањето од фабриката Железара, за спас на Водно, маршот за толеранција и други. Оваа година буквално останавме по улиците!

ДИРЕКТНА РАБОТА НА ПОДОБРУВАЊЕ НА ПОЛОЖБАТА НА РАБОТНИЦИТЕ

Од директната работа на подобрување на положбата на работниците ќе го издвоиме следново. Прво, протестната акција, заедно со Ленка, пред фабричките порти на „Дрекселмаер“ во Кавадарци, поради отпуштањето работници од страна на управата на фабриката. Не постигнавме многу, ама на работниците барем им овозможивме еден слободен ден. Имено, управата на фабриката реши, со цел да не дојде до собирање на работниците на нашиот протест, Денот на просветителите Кирил и Методиј, да биде неработен ден. На другите празници се работело во „Дрекселмаер“, ама на Денот на просветителите не се работеше, зашто тоа е особено важен ден за автомобилската индустрија. Понатаму, им овозможивме на работниците да пријавуваат кршење на работничките права преку нас до Инспекторатот за труд. Овој инспекторат, за разлика од сите други, е исклучително неефикасен и никој газда во Македонија нема некој посебен страв од него. Ама, преку индиректното пријавување преку Солидарност барем се овозможува работниците да не настрадаат поради кодошење од страна на трудовите инспектори. И на крај, ќе го спомнеме предводењето на штрајкот на ФОН Универзитетот од страна на нашиот член Здравко Савески во функција на претседател на синдикалната организација на Мултиетничкиот синдикат за образование на ФОН Универзитетот.

ИЗДАНИЈА, АНАЛИЗИ, ТРИБИНИ

2014 година беше и година во која Солидарност продолжи да работи и на истражувачки план. Оваа година издадовме две книги, едната економска, другата историска. Првата, „Политиките на пазарот на труд и сиромаштијата во Македонија 2008-2013“, е дело на Марија Башевска, а втората, „Национализмот во(н) контекст: соработката на Албанците и Македонците од Илинденското востание до Народноослободителната војна“, е напишана од Здравко Савески и Мариглен Демири. Студијата на Марија Башевска е наша втора книга на економска проблематика, а со книгата на Мариглен Демири и Здравко Савески го збогативме нашето научно делување и на историската проблематика. Покрај ова, голем број наши членови објавија студиозни анализи и колумни, од кои дел беа и преземани од други веб-сајтови и беа доста читани. Дел од анализите и колумните беа објавени и во странство, особено на хрватскиот левичарски веб-сајт „Билтен“. Таму свои анализи објавија: Марија Башевска, Мартин Краљевски, Ѓорѓи Пулевски, Артан Садику, Здравко Савески. Посебно вреди да се спомне дека една од анализите на Марија Башевска го постави рекордот на читаност на сајтот и беше преземена од други веб-сајтови и во Македонија и во странство.

Одржавме и голем број трибини. Најголемиот дел од нив беа промоции на нашите книги. Но, промоциите на нашите книги не се класични промоции, туку трибини на кои се дискутира проблематиката која се обработува во книгите. Одржавме четири промоции на нашата студија „Богатството и сиромаштијата во Македонија: 2008-2012“ (во Битола, Прилеп, Скопје, Велес и Куманово), една промоција на „„Политиките на пазарот на труд и сиромаштијата“ (во Скопје) и дури осум на „Национализмот во(н) контекст“ (во Скопје, Велес, Битола, Тетово, Штип и Струга и двапати во хотел „Романтик“). Трибините во Штип и Струга беа во организација на Живи библиотеки, а од двете промоции во хотел „Романтик“ едната беше во организација на Форум, а втората во организација на Центарот за истражување и креирање политики. Покрај овие трибини, ги коорганизиравме трибините „Новиот закон за стечајци – обид за решение или предизборна манипулација“ и „Први Мај низ годините: историјат на работничката борба“. Дополнително, голем број наши членови учествуваа како говорници на трибини организирани од други, како единствени говорници или како ко-излагачи. Ќе ги издвоиме предавањето на Артан Садику на Институтот за општествени и хуманистички науки „Борба со национализмот – кон политика на еманципација“ и на Тамара Чаусидис и Здравко Савески на истиот институт, насловено „Синдикализмот: како да се изгради политички блок на работниците“.

МЕДИУМСКО ПРИСУСТВО

Очигледно беше и нашето присуство во медиумите преку прес конференции и соопштенија за печат, како и преку гостување на повеќе наши членови во дебатни емисии и давање изјави по повеќе поводи. Во 2014 одржавме, самостојно или со други, пет прес конференции (за најава на пред-првомајските мобилизаторски активности, за организирањето протест на Први мај, против владината манипулација со еднократното отпишување на долговите на социјално загрозени граѓани, околу најновите измени на Законот за минимална плата и при поднесувањето претставка до Уставниот Суд иницирана од поднесувањето кривични пријави од Фондот за здравствено осигурување за невработените лица). Покрај тоа, објавивме 10-тина соопштенија за печат и писмени реакции од кои поважните се: околу недемократската атмосфера на предвремените парламентарни избори, по повод убиството во Ѓорче Петров и избликот на национализам, по повод апсењето на поранешниот синдикален лидер Дејан Ставриќ, поддршка за штрајкот со глад на тројцата професори од Штипскиот универзитет, осуда за демолирањето на кафулето New Orleans, осуда за демолирањето на кафулето „Дамар“ итн. Од гостувањето на нашите членови, ќе ги издвоиме гостувањата на „24 Анализа“, во „Вин-вин“, на „Нова ТВ“ и на ТВ Алсат.

ОСТАНАТИ АКТИВНОСТИ

Од останатите наши активности ќе ги спомнеме следниве:

– организирањето на четири прикажувања на претставата „Маркс во Сохо“ од Хауард Зин во Скопје.

– организирањето на Партизанска велосипедска тура на 11 Октомври на локации во Скопје важни за Првиот скопски партизански одред.

– неколкуте акции на уништување на нацистички симболи и националистички пароли во Скопје.

поднесувањето претставка до Уставниот Суд иницирана од поднесувањето кривични пријави од Фондот за здравствено осигурување за невработените лица.

– пуштање во функција на веб-сајтот на Солидарност и активирање на твитер профилот на Солидарност.

ПРОДОЛЖУВАМЕ ПОНАТАМУ!

Како што може да се види, Левичарското движење „Солидарност“ беше исклучително активно во 2014 година. Ко-организиравме три протести и дадовме солидарна поддршка на многу други, издадовме две книги, организиравме, самостојно или заедно со други, 15 трибини, пет прес-конференции, испративме преку десет писмени реакции во јавноста, имавме и редица други активности. И зголемувањето на бројот на членови и зголемувањето на јавната поддршка за нас не дојде случајно, туку е резултат на оваа наша исклучителна активност и посветеност, како на оние што ги спомнавме така и на оние што не ги спомнавме, а кои некогаш правеле можеби мали работи, ама клучни за некоја активност да биде спроведена. Оттука, активностите на Солидарност не се резултат на залагањето на двајца-тројца, туку синергија на залагањето на сите негови членови.

Со нашата исклучителна активност ќе продолжиме и во 2015 година. Во 2015 година власта, како што тргнала, ќе ја изгуби и најмалата поддршка од секој оној што нема личен интерес да ја држи нејзината страна. Не можејќи да ја задолжува земјата онолку колку што беше тоа случај досега, таа ќе се оддаде на уште поголемо ограбување на народот. Но, народот веќе е разбуден и барем ќе се обиде да возврати. Дали ќе успее, останува да се види. Во секој случај колку повеќе луѓе ќе се вклучат во одбраната на своите права и во солидарната поддршка на другите обесправени толку се поголеми шансите за победа на народот.

 cropped-header63