Левичарското движење Солидарност би сакало да ја изрази својата целосна поддршка на иницијативата за референдум во Општина Центар за изгледот, но со тоа и начинот на функционирање на Градскиот Трговски Центар во Скопје.

Навидум е нелогично една организација која ги споделува вредностите на левицата да стои во одбрана на трговски центар. Но ГТЦ не е трговски центар како нехуманите шопинг молови. ГТЦ е јавен простор, достапен на сите во било кое време од денот. ГТЦ е објект – улица: отворен за сите, слободен за движење во сите посакувани правци.

ГТЦ е еден од најрепрезентативните примери на периодот на Модерната архитектура во Скопје. Секоја интервенција врз неговиот изглед ја сметаме за директен напад врз културното наследство на градот, свесно и намерно негово скрнавење. Ова е уште еден обид за материјално пребришување на историјата.

Исто така го поздравуваме и самиот чин на организирање на референдум со кој ќе им се дозволи на граѓаните, на оние кои се директно засегнати, можност да го изразат својот став. Во периодот меѓу изборните процеси граѓаните не треба да бидат изолирани од политичкиот живот и сите одлуки да се носат без нивна консултација само затоа што веќе го дале својот глас. Референдумот е една од формите на партиципативна демократија која овозможува граѓаните директно и недвосмислено да искажат став по било кое прашање кое ја тангира заедницата.

Да потсетиме дека прашањето околу промената на изгледот на ГТЦ немаше да има потреба од ескалација доколку авторитарната власт не го игнорираше ставот од професионалното здружение на архитекти сметајќи го за „само уште едно од мноштвото писма кои доаѓаат на адреса на Владата“.

Освен повик до Советниците до Општина Центар да ја поддржат иницијативата за организирање референдум, ЛД Солидарност ги повикува и сите жители на Општина Центар масовно да излезат на референдумот. За жал свесни сме дека ќе бидат изложени под силен притисок, исто како што биле и на сите досегашни (навидум) демократски форми на изразување на волјата на граѓаните. Ги охрабруваме да одолеат на притисоците и да излезат на референдумот по прашањето на изгледот на ГТЦ, каков и да е  нивниот став.

cropped-header631