Изминатиот викенд по покана на партијата на Европската Левица, нашиот член Ѓорги Пулевски како претставник на ЛД Солидарност, присуствуваше на петтиот конгрес на Европската Левица во Берлин, Германија.

Партијата на Е.Л. се формира во Рим во 2004 година со цел да се стават социјалистички и комунистичките ориентирани партии под ист чадор за да може да настапуваат поорганизирано, т.е. со заедничка платформа и барања на Европските избори. Избраните парламентарци и парламентарки од Е.Л. во парламентот на Европската Унија се  здружени во GUE/NGL (European United Left/Nordic Green Left) која моментално има 52 пратеници во Европскиот парламент. Тука само да напоменеме дека GUE/NGL (European United Left/Nordic Green Left) има и членови кои не се во Европската Левица.

Партијата на Е.Л. почна да прима и други членови кои не беа во Европската Унија, за на крај да почне да прима и движења но како партнери. Значи има три вида на членство: полноправни членки, надгледувачи – партии кои сакаат да станат полноправни членки но се ставени на тест период, и партнери – тоа се најчесто движења што можат да имат само ваков статус. Во партијата на Е.Л. покрај другите се  Syriza oд Грција, Die Linke од Германија, Комунистичката партија на Франција и многу други.

Е.Л. е антимилитаристичка и антикапиталистичка партија која се залага да ја зачува и унапреди социјалната држава, поголема редистрибуција на ресурсите и моќта, практикување на политиката не само во бирократските институции туку и на плоштадите и улиците и пред се’ поголема демократизација во државите.

                                                                 Алексис Ципрас во разговор со Григор Гиси (десно)     

На Петтиот конгрес на Е.Л. се избра новиот извршен одбор на партија, како и новиот претседател, а тоа е влијателниот германски политичар и втор човек во партијата Die Linke, Грегор Гиси.

На овој конгрес, полноправно членство добија нашите другарки и другари од Словенија, Иницијатива за демократски социјализам (IDS) и Партијата за екосоцијализам и одржлив развој на Словенија (ТRS)  кои во знак на солидарност и поддршка го повикаа на бина и нашиот член за време на нивното воведување во Европската Левица. ЛД Солидарност продолжува да биде постојан и близок соработник на Е.Л. затоа што само инклузивноста и сплотеноста можат да бидат одговор на неолибералната агенда!