Во пресрет на 8 март, Меѓународниот ден на жената, пренесуваме текст на нашата другарка Елена Б. Ставревска, во кој го разгледува патријархалниот обид да се контролира женското однесување, сексуалност и изглед преку практиката на „курвосудување“.

Во дигиталниот речник на македонскиот јазик, „курва“ е објаснета како „блудница, развратница, неверна жена, бескарактерен човек“. Во секојдневниот говор интерпретацијата е широка и често сме сведоци на курвосудување (slut-shaming), кованица што укажува на чинот со кој одредена личност, најчесто жена, се осудува за однесување што не е во согласност со традиционалните, а со тоа често и религиозните, очекувања од женскиот род. Во прилог на збирката твитови што се пример за курвосудување, да потсетиме како функционира курвосудувањето, каде се случува и кој го прави.

КАКО: Најчестата навреда за женскиот род е поврзана со нејзината сексуална невиност, било да е во поглед на сексуална активност или разголување на делови од телото што ги предизвикуваат традиционалните општествени норми. Ова е засновано на претпоставката дека за телото на жената, во моментот кога се наоѓа во јавниот простор, не одлучува таа самата, туку јавноста. Со тоа се креира дискурс во кој воопшто не се смета за проблематично коментирањето за нечие деколте, должина на сукња, број на партнери, сексуални навики и преференци. Машкиот род, од друга страна, ретко е предмет на такви забелешки.

Со курвосудувањето, жената се деградира на степен понизок од она што патријахалниот светоглед го цени како „нормална жена“. Тоа се користи како механизам со кој навредувањето, па дури и повредувањето на овие жени, станува прифатливо. Всушност, токму на овој начин и силувањето станува прифатливо под геслото „сама си го барала“, а понатаму и придонесува кон одлуката на многу девојки и жени воопшто да не се осмелат да пријават силување, од страв да не бидат етикетирани како „курви“. Истовремено, неретко курвосудувањето повлекува и претпоставка за интелигенцијата на таа жена, делегитимирајќи го нивното мислење. Накратко, курвосудувањето ги дехуманизира, демонизира и ги сведува жените на статус што не заслужува почит.

КАДЕ: Курвосудувањето не е нова појава. Едно од позначајните литературни дела што ја обработуваат оваа тематика е „Црвената буква“ на Натаниел Хоторн издадена во 1850 година. Денес секојдневно се сретнуваме со курвосудување како во материјалниот, така и во виртуелниот свет. Забелешките несекогаш се свесно злонамерни. Имено, честа одбрана на оној кој го прави курвосудувањето е дека забелешката е кажана духовито и дека преголемо инсистирање на политичка коректност го стерилизира хуморот. Истовремено, дури и под претпоставка дека забелешката нема лоша намера, невозможно е да се контролира нејзината интерпретација кај публиката. Ова е уште потешко во случајот на социјалните медиуми и интернет просторот, каде саркастичното осудување може да биде сфатено како одобрување. Со тоа, ваквите шеги онлајн уште повеќе придонесуваат кон нормализирање на дискурсот на курвосудување во општеството.

КОЈ: Основата на курвосудувањето се наоѓа во патријархалното размислување и прилично често осудите доаѓаат не само од мажи, туку и од жени. Додека курвосудувањето од страна на мажи е поврзано со чувство на доминантност и моќ, во научната литература постојат три заемно неисклучиви понудени објаснувања зошто жените се вклучуваат во ваквата практика. Првото е дека другите жени ова го прават со цел да се дистанцираат од таквото, според доминантниот наратив срамно однесување. Второто објаснување е поврзано со дефинирањето на јавните родови улоги. Третото објаснување е дека ова се прави со цел да се исцртаат границите на класите и да се акцентира „чистата“ репутација на оние кои го прават курвосудувањето, наспроти „евтините курви“ од пониските општествени слоеви.

Оттука севкупната ментална матрица што доаѓа со патријархалноста и вклучува не само женомразие, туку и точно дефинирани улоги за машкиот род, е причина за распространетоста на курвосудување. Тоа, иако го објаснува нашиот моментален општествен светоглед, не смее да биде оправдување за нашите поединечни дејства. Како што ни велеше баба: „Ако сите се фрлат во Вардар, не значи дека треба и ти“.

Затоа, следниот пат кога ќе помислите да го искористите зборот „курва“ со цел да деградирате, па дури и да се пошегувате со некого, сетете се дека и вашето држење за рака во јавност со партнерот во друго време и на друго место било општествено неприфатливо. Сме направиле исчекор до овде со тоа што сме го доведувале во прашање традиционалниот и партијархалниот светоглед. Треба да го сториме истото пак.

 

Текстот првично беше објавен овде.