Здраво Кристина, според темите кои ги обработуваш изгледа како да живееме во интересни времиња?

Прилично интересни, но за жал не онака забавно-интересни како би сакале да биде.  Секој исторски период секако има свои предизвици и борби кои придонеле до револуционерни општествени промени (право на глас на жените, усвојување на  Универзална декларација за човекови права,  итн ) Но последниве случувања на глобалната светска мапа почнувајќи од се поголемата популарност на десничарските националистички движења, бегалската криза, затварањето на граници и дигање на ѕидови и бариери до забрани за абортус нè наведува да помислиме дека и покрај сите цивилизациски придобивки, ние не сме постигнале никаков напредок во хуманоста, човечноста, демократијата и слободата. Високо на врвот од топ листата на „интересности“ е и Македонија, каде политичките случувања во последниве неколку годни не престануваат да нè изненадуваат. Таман ќе си помислиш сме го допреле дното, и одеднаш „опа“, друго дно…

Што поточно те мотивира твојата уметничка енергија да биде насочена кон своеврстен бунт кон капитализмот?

Не знам колку можат моите дела се карактерзираат како бунт, секако дека се одговор на она што во моментов се случува, но тие сепак остануваат во доменот на ликовното без да креираат одредена промена.  Она што можам да го направам е да реагирам преку уметничкото дело со надеж дека ќе поттикнам некакво размислување, иако сметам дека тоа веќе не е доволно. И јас самата се прашувам што повеќе можам да направам? Не живеам со илузијата дека уметноста ја има моќта да креира сериозни општествени промени, но сепак верувам дека со поголемо присуство на уметноста во секојдневието во еден микро простор може да се делува позитивно и со тоа да се создаде некаква промена барем на микро план.

Работниците ги прикажуваш како „невидливите“, се што можеме да видиме се нивните истрошени ракавици и делови од чевли на кои се испишани нивните лични приказни. Што е со нивните лица?

Силуетите на ѕид од испишани сведоштва на работниците ги именував невидливи затоа што и се невидливи-за државните институции, за синдикатите и одговорните лица чија должност е да се залагаат за подобрување на работните услови. Проблемите со кои многу луѓе се соочуваат на работа се невидливи и за многу наши сограѓани кои лично не се засегнати и живеат со убедувањето дека кај нас ситуацијата на работниците и не е така лоша, а дека работничката експлоатација се случува во некои далечни сиромашни земји но не и тука освен можеби во некој изолиран случај. Кога почнав да ги бележам  и собирам личните приказни на луѓето околу мене само ми се потврди сознанието дека тоа е голем општествен проблем. Едноставно, кај нас нема никакви работнички права! Никој не е заштитен. Најзасегнати се вработените во приватниот сектор, а најсурови се искуствата на луѓето кои работат во фабриките,  првенствено во чевларската и текстилната индустрија, но кога станува збор за правата на вработените, не се исклучок ни државните институции. Едноставно, голем дел од луѓето во Македонија живеат секојдневие исполнето со тортура, изживување и работа до изнемоштеност.

 

Во потрети веќе ги прикажуваш жените работнички, но она што ми остава силен впечаток се нивните изјави кои очиледно и тебе ти оставиле трага. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за твоето искуство во комуникацијата со овие работнички?

Пред неколку години почнав да собирам лични сведоштва на работници и подоцна тие изјави ги користев во своите дела, онака изворно како што и ми биле пренесени. За жал ситуацијата е таква да за да ги забележам не требаше да одам многу далеку, едноставно многу луѓе околу мене имаа своја лична приказна или на некој близок од семејството кој се соочува со нехуман однос на работното место. Со тоа што сум од Куманово каде голем број работнички се дел од текстилната и чевларската индустрија, слушнав некои навистина потресни приказни. Работење без слободни денови во неделата, работни саати над договореното без никаква доплата, навреди и омаловажувања на работното место, субстандардни работни услови, минимална плата од која во некои случаи дел треба и да се врати на работодавецот…

Со оглед на тоа што живееме во време на феминизација на трудот, дали сметаш дека феминизмот треба да обрне многу поголемо внимание на позицијата и потребите на жените работнички во процесот на продукција а притоа како инструменти да ги користи работничките права и работничката борба? Зар не е тоа експлицитно женска тема?

Работничките права се општествена тема и нивното унапредување треба да е заеднички напор. Сметам дека феминизмот глобално, а особено тука во фокус треба да ги стави секојдневните општествени релации, проблемите со кои жените постојано се соочуваат во пракса од нееднаквата распределба на труд, нееднаквата исплата, неплатен труд, нееднаков пристап до вработувања и стартни позиции, до прашања поврзани со репородукција и слобода на избор. Ние за жал тука уште кобуриме со некои фундаментални човекови права што и не може да нè зачуди после сите кампањи за трето дето и илустрирање на жените само како мајки или работна рака во кујната. Жените работнички покрај предизвиците на пазарот на трудот се соочуваат и со општествените притосоци и стеротипи во однос на домот, семејството и грижата за децата кои им се наметнати како типични женски, што треба да ни биде мотив повеќе за поагресивна и поактивна еманципаторска борба.


Како уметноста може да придонесе кон оваа борба?

Дали преку мали и интимни уметнички наративи или обемни уметнички проекти кои вклучуваат број на активни учесници, верувам дека уметноста може да даде свој мал придонес, пак ќе кажам, макар и на микро план.

Во твоите дела зборуваш и за едукативниот систем. Каква е сметаш иднината на децата во едно вакво општество? 

Освен со по некој цртеж, не доволно ја третирам оваа тематика за да можам да зборувам за уметничкиот коментар. Меѓутоа, со оглед на тоа дека работам во образование но во приватен сектор, од лично искуство можам да направам споредби во различните образовни системи и да ги тагирам лошите образовни реформи во нашиот систем. Школото каде работам веќе неколку години го земам за репер за тоа какво образованието треба да биде: место каде децата уживаат и каде сакаат да бидат, каде можат да бидат тоа што се, каде индивидуалноста се почитува а критичноста поттикнува, каде системот се прилагодува на различностите а не обратно, каде се учи преку експерименти, игра и забава, каде читањето е награда а не казна (како што ни е познато кај нас за казна на децата им се дава да читаат). Она што актуелните едукативни програми ги учат децата е да бидат потчинети, да немаат право на свое мислење, да не размислуваат со своја глава туку да повторуваат она што ќе им се каже. Учениците кај нас присвојуваат стереотипни размислувања преку учебниците наместо да учат да  ги рушат. Доколку образовниот систем не се смени набргу, за жал уште од најмала возраст ќе имаме индоктринирани деца кои ќе пораснат во генерации кои се следбеници наместо креатори. Треба да ги срушиме оние наши локални митови дека имаме квалитетно образование, училишта каде многу се учи и во однос на другите поседуваме многу знаење, кога светските истражувања и резултати го покажуваат спротивното.

Благодарам Кристина, ни беше чест што ни одговори на поканата за ова кратко интервју.

Среќен 8-ми март!

Кристина Божурска е македонска уметница, родена 1984 година во Куманово. Дипломирала сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Божурска се изразува во повеќе медиуми – освен со сликарство, се занимава и со видео арт, реди мејд објекти, цртежи… Во своите дела таа ги третира проблемите на современото општество, како конзумеризмот, масовното производство, идентитетот, работничките права… Има реализирано повеќе самостојни изложби, добитничка е на наградата „Денес“ за млад уметник во 2010, а во 2008 има добиено и награда за видео на Меѓународниот видео фестивал во Бразил.