Денес, на 8 мај 2016, наши активисти присуствуваа на Скопскиот маратон и носеа политички ангажиран транспарент за охрабрување и бодрење на маратонците и маратонките. Транспарентот на нашите активисти со содржина „Трчај како да ја носиш веста дека Грујо е во затвор!“ го привлече вниманието на присутните и се рашири на социјалните мрежи. Но очигледно пораката погоди и нечиј нерв. Набргу по истакнувањето на транспарентот, нашите активисти беа насилно турнати на страна од непознати лица. Транспарентот беше одземен и искинат, а нашиот активист кој го носеше транспарентот беше физички нападнат.

За среќа, инцидентот е документиран и прикажуваме како тој се одвиваше. Нападот е пријавен и во полиција. Повикуваме на сите оние кои имаат било каква информација за идентитетот на напаѓачите, да ја споделат со нас. Прашуваме: дали се работи за случајни силеџии, дали се обезбедување на маратонот, дали се тоа припадници на политичка структура, или пак можеби се службеници на „редот и мирот“ во цивилна облека? Од неофицијални информации дознаваме дека неуниформираните лица се дел од обезбедувањето во град Скопје. Тоа го поткрепува и фактот што беа повикани од лице со ознаки од обезбедувањето на градот. Лицата одбиваа да се легитимираат и покрај барањата од нашите активисти.

Напад на активистите, и кинење на транспарентот

Се радуваме што имаше голем број други политички транспаренти на маратонот, и што беше јавно изразена поддршка на нашите другари и другарки од протестите кои беа апсени и притворани. Сепак, од други активист(к)и дознаваме дека и ним им биле вршени закани да ги тргнат налепниците #Протестирам. Некои подлегнале на притисокот, а некои не.

Изразуваме остар револт од континуираното режимско насилство кон левичарските активист(к)и. Нашите членови и другар(к)и биле повеќепати изложени на слични вакви ситуации, биле апсени и изложени на закани, а скоро нашата организација беше шиканирана и на насловната страница на Дневник, каде беа објавени и лични информации на нашите активист(к)и.

Денешниот инцидент подеднакво нѐ растревожува како и фактот дека транспарентот беше подготвен за минатогодишниот маратон и за жал тој сѐ уште е актуелен. Сепак, транспарентот со содржина „Трчај како да ја носиш веста дека Грујо е во затвор!“ ќе конкурира за најдобар натпис на маратонот. Доколку освои награда, средствата ќе бидат искористени за солидарно плаќање на казни и легални трошоци на активист(к)ите кои се соочуваат со проблеми поради нивното учество во протестите.

„Трчај како да ја носиш веста дека Грујо е во затвор!“

Ги потсетуваме сограѓаните и организаторите дека Скопскиот маратон е во чест на победата над фашизмот (9 мај 1945). Очигледно е дека и денес ние сѐ уште се бориме со внатрешниот фашизам кој користи сила во обезбедувањето едноумие, се заканува и тепа бидејќи не му се допаѓа нечиј транспарент. Повторуваме – нас ќотекот и притисокот нема да нѐ заплашат, туку само нѐ мотивираат да бидеме погласни и поистрајни во борбата. Ќе дадеме сѐ од себе што поскоро Груевски да оди во затвор, а потоа ќе трчаме наоколу да ја шириме добрата вест!

Смрт на фашизмот, слобода на народот!

Честит 9 мај!

Повторно ќе победиме!