capitalismЌе почнам со една тавтологија: стравот е страшна работа. И, се разбира, за едно човечко општество да биде и човечно општество треба да работи на минимизирање на оваа страшна работа. Стравот не може целосно да исчезне, бидејќи постојат и биолошки и природни причини што него го предизвикуваат и во врска со нив малку може да се направи. Но постои и страв предизвикан од општествени причини, од доминантниот вид меѓучовечки односи во едно општество и во врска со тоа може и треба нешто да се направи. Се разбира, ако целта на човечките битија е да создадат похумана средина за себе и за другите.

Надвор од комунистички кругови, честопати бившиот систем се определува како општество во кое владееше стравот. Ако јас се прашувам, со право. Точно е дека оние што не сакаа да си го дозволат „луксузот“ да размислуваат со своја глава, немаа голем проблем со општествено предизвиканиот страв. Тие најчесто имаа работа, релативно сигурна и релативно добро платена, не се оптоваруваа со слободата на говорот и со злоупотребите на власта, па власта ги оставаше на мира. Но ако некој почнеше да ја користи главата во согласност со нејзината основна функција, одеднаш ситуацијата се менуваше. За секој критички изговорен или напишан збор, следуваше санкција. Особено ако некој се наоѓаше на повисока функција. Санкцијата можеше да биде „блага“, губење на работното место или стопирање на напредувањето во кариерата, преку „средна“, затвор, до „сурова“ – ликвидација. Дисидентите постојано беа следени од доушници (симпатичен збор за несимпатична појава), кои будно внимаваа што тие зборуваат и со кого се среќаваат. Па, дисидентите, односно оние што ја користеа својата глава за нејзината основна функција, мораа постојано да внимаваат што зборуваат и со кого што зборуваат.
Најдобриот ваш пријател може да биде вашиот пазач. Па животот на дисидентите беше живот во постојан страв: дали да прозборам, што да кажам и кому да му кажам? За оние што ќе ја дадат забелешката „ама во Југославија беше поинаку“, ќе им го посочам примерот на Јован Котевски, кој го живееше овој живот-неживот и во 1980-тите, значи, и во периодот кога системот веќе напукнуваше, па веќе не беше така едноставно да се следи секој што прави и што зборува. А, за периодот на Голи Оток воопшто и да не зборуваме.

Овој бивш систем стана бивш со добра причина. Не го материјализира стремежот за воспоставување похумано општество. Затоа, кога крахира многу-многу не се жалеше по него. Кукањето по тој поредок е подоцнежна појава. Кукањето по тој поредок на неостварен социјализам со тоталитарни карактеристики се роди, бидејќи за многумина новиот поредок не го исполни ветувањето за подобра материјална состојба, но и ветувањето за ослободување од стравот.

Тука не мислам само на стравот од јавно искажаниот збор, кој не треба да се јавува во еден либерално-демократски капитализам, иако во некои држави и тој знае да биде сериозен проблем. Постои уште еден страв, кој не се јавува како дисфункционалност на либерално-демократскиот капитализам, туку е суштинска придружна појава на функционирањето на овој систем. Мислам на стравот што работниците го имаат на работното место од своите газди, во услови на неограничена „слобода на пазарот“, односно при чист облик на капитализам.

Да, со уставот на една земја може да бидат прокламирани основните работнички права. Но тие едноставно да не се почитуваат во реалноста. Па, како што покажува македонската реалност, работниците свесно да прифаќаат прекршување на своите уставно и законски гарантирани права поради стравот од губење на работното место, да се плашат да се организираат во синдикат за да си ги заштитат правата и интересите, да се плашат да организираат штрајк дури и кога „ножот дошол до коска“. Страв, страв, страв! А пак оние посвесните и похрабрите, кои не се навикнати постојано да веднат глави, често да се соочуваат со суровата реалност: отказ поради користење права гарантирани со Уставот на оваа земја. Како што покажа најновиот случај пред две недели, кога тројца синдикалци од Контролата на летање добија отказни решенија од управата на Македонска навигација поради своите синдикални активности.

Некој ќе каже „тоа е, капитализам“. Да, но нели бившиот систем беше оној што го карактеризираше стравот и го поддржавме воведувањето на либерално-демократски капитализам, меѓу другото, поради тоа што демократијата значи слобода, а таа, пак, подразбира слобода од стравот?

Поради сето ова, претставува лицемерство некој да го напаѓа бившиот систем како општество на стравот и притоа да одбие да признае дека капитализмот и неговата либерална демократија не испорачаа ослободување од стравот за голем дел од населението, во еден важен сегмент од нивниот живот.

Автор: Здравко Савески

Leave a Reply

Your email address will not be published.