Како било да се биде геј во Југославија? Разговаравме со човек кој само што докторирал на таа тема

Интервјуто е првeнствено објавено на http://www.telegram.hr/.  Превод на македонски: Соња Стојадиновиќ

Franko Dota_______________________ Foto: VJEKOSLAV SKLEDAR/TELEGRAM

Првиот докторат на тема историја на сексуалноста во југословенскиот простор ги дава одговорите каков бил, во историски контекст и во споредба со остатокот на Европа односот кон хомосексуалците во Југославија, односно, социјалистичка Хрватска. Од прогон и јавни судења па до декриминализација во 1977 година и создавање на зачетоци на словенечкото ЛГБТ движење, односот на државата кон хомосексуалноста не бил едноставен. Интересен е и европскиот контекст, посебно бројките: од ‘45 до ‘77 во цела Југославија осудено е околу 1500 хомосексуалци. Во истиот период, бројките во Западна Германија се качуваат на околу 70 илјади, а „таа не била толку пати поголема од Југославија„.

Франко Дота овие денови докторираше на Отсекот за историја на Филозофскиот факултет во Загреб, со трудот Јавна и политичка историја на машката хомосексуалност во социјалистичка Хрватска (1945-1989) под менторство на Твртко Јаковина претставена е тема која до сега била многу слабо истражувана. „Би рекол скоро неистражувана„ вели Дота. Историчарот Деан Вулетиќ во 2003 напишал краток, пионерски труд на темата кој е објавен во едно домашно списание, а за историјата на хомосексуалноста во југословенскиот простор пишувал и социологот Роман Кухар, кој од пред неколку дена е декан на Филозофскиот факултет во Љубљана.

„Мојот труд, колку што знам е прв на темата на хомосексуалноста од аспект на историографија на сите пост-југословенски републики и прва дисертација на тема хомосексуалност воопшто на некој хрватски универзитет„, објаснува Дота. Во трудот се бави со два темелни институционални механизми на регулација на сексуалноста и посебно со хомосексуалноста од аспект на медицина и право.

Не сме заостанувале зад европските земји

Истражувал како Југославија, односно социјалистичка република Хрватска ја регулирала хомосексуалноста преку законодавството, правната теорија и судството и по пат на сексологијата, едукацијата и психијатријата. Југословенскиот пристап кон хомосексуалноста никако не бил едностран и исклучително репресивен. Дота во својот труд опишал како од почетната репресија која траела кратко време, дошло до попуштања кон таа приказна, либерализација и декриминализација на хомосексуалноста. Југославија тука не заостанувала посебно зад другите европски земји, па ниту зад оние демократските на западниот континент.

„Сметам дека истражувањето на геј историјата, не само на овој период туку и на било кој друг период и не само на политичка, туку културна, социјална и било која друга историја е придонес за изградба и зајакнување на современата хрватска и пост југословенска ЛГБТ заедница затоа што нашите идентитети и нашата положба во општеството не можат да бидат целосни без спознавање на нашата историја„, вели тој.

Еден од соосновачите на Загреб Прајд и долгогодишен дописник на италијанската медиумска агенција АНСА додава како овој труд пред се е посветен на хрватската и пост југословенската ЛГБТ заедница, а потоа на домашната историографија.

ТЕЛЕГРАМ: Постојат ли некои етапи преку кои можеме да ја следиме историјата на хомосексуалноста од ‘45 до ‘89 на овие простори?

ДОТА: Можеме да зборуваме за фаза на прогон и судења која била интензивна во повоените години, до ‘50, потоа за фазата на ублажувањето на судските прогони, но и задржување на казнивоста на машката хомосексуалност, што било европски феномен, а не југословенски исклучок. Секако, Југославија тука била нешто поблага од западните земји. И воопшто, во социјализмот репресијата кон хомосексуалците била помала отколку на Запад. Колку што одиме кон земјите кои денеска ги сметаме за прогресивни и либерални, на пример Германија, така репресијата е поголема, а колку што одиме кон исток, кон социјализмот, таа е помала.

Во фазата на попуштања на судската, зајакнува медицинската репресија, поточно обидите за лечење. Но, во исто време имате континуирани заговори, уште во 20-тите години, па потоа во 50-тите за декриминализација и депатологизација, односно третирање на машките истополови односи како нешто што не треба да се казнува и не треба да се лечи затоа што е неизлечиво. Многу уште во 50-тите години во прирачниците за сексуално образование кои се продавале во стотици илјади примероци, заговарале дека тоа е сосема природна работа.

После тоа, во ‘77 година доаѓа до декриминализација во Хрватска, Словенија, Црна Гора и Војводина и токму поради залагање на правните експерти и врвот на комунистичката партија. Доаѓа до синергија помеѓу правото и политиката, помеѓу централниот комитет и катедрата за казнено право низ Југославија: заклучиле дека е време за целосна декриминализација. Таа, да бидеме искрени, била спроведена само во половина од земјата, а 80-тите веќе се време на почетна и воглавно позитивна медиумска видливост на хомосексуалноста.

За неа се пишува во сите публикации, од студентски весници, како Полет и Студентски лист до Данас, Старт и Свијет, значи во масовно читаните медиуми. И претежно, од таа перспектива, па дури и од денешна, во релативно позитивен контекст. Тогаш се случува нешто по што Југославија е исто така специфична, а тоа е создавање на словенечкото ЛГБТ движење во Љубљана во 1984 година. Тоа не било единствено, но било едно од ретките, многу видливи и многу успешни геј движења во социјалистичка Европа кое и денеска се смета во Словенија за темел на современото ЛГБТ движење, а јас мислам дека можеме да го сметаме и за темел на југословенското геј движење.

ТЕЛЕГРАМ: Дали затоа што денеска поради генерално лошиот однос кон социјалистичкиот период, се искривува и положбата на хомосексуалците во тоа време, односно се пренагласуваат прогоните, а се игнорираат некои прогресивни тенденции?

ДОТА: Да, би рекол дека се манипулира, па дури и лаже. Нема сомнеж дека при крајот на ‘40-тите биле одржани неколку јавни, дури и сурови, показни антихомосексуални судења. И тоа најлошите биле во Загреб и Дубровник. Тоа ние денес, посебно од геј заедницата мораме да го нагласуваме и да потсетуваме на тоа. Но тука не се работи за некој специфичен комунистички пристап. Истото се случувало и во западните земји, посебно во Англија, Западна Германија, но и во други земји кои имале казнено прогонување на хомосексуалноста во текот на 20-тиот век.

Да се нагласува само репресивноста на системот во Југославија, а потоа да не се споменуваат декриминализацијата, постоењето на зачетоци на геј движењата во 80-тите кога тие имале зачетоци и во Германија, Данска или Франција, е фабрикување. Југославија не доцнела видно зад тие земји. Секако, треба да потсетуваме за се што било негативно, на насилството, прогоните, социјалната изолација, обидите за лечење, но вистинската цел на тие критики, барем во овој случај, не треба да биде иманентната комунистичка репресивност туку хомофобијата која била раширена на континентот и тука Југославија не била исклучок.

ТЕЛЕГРАМ: Како денешна Хрватска и Југославија стојат во споредба со остатокот на Европа во тоа време?

ДОТА: Бројките можеби се најилустративни. Во периодот од ‘45 до ‘77 во цела Југославија за тоа што тогаш се нарекувало против природен блуд помеѓу мажите, значи хомосексуален сексуален однос, биле осудени околу 1500 луѓе на казни кои оделе од парични до условни и затворски. Околу една третина од тој број биле осудени во Хрватска. Во истиот тој период, бројките во Западна Германија се качуваат на околу 70 илјади, а таа не била толку пати поголема од Југославија. Во Италија каде тоа не било забрането дело, туку се судело за повреда на јавниот морал, околу 20 илјади биле осудени, а во Англија се осудени околу 50 илјади. Случувањата треба да се стават во поширок историски контекст, а јас со своето истражување се обидов тоа да го направам, на хрватско, југословенско и европско ниво.

ТЕЛЕГРАМ: Значи воопшто не сме биле толку лоши…

ДОТА: Југославија во почетокот не била меѓу првите во прогресивните исчекорувања, ниту заостанувала. Не можеме да ја ставиме ниту на најцрната, ниту на најсветлата листа. Во некои работи, таа земја се покажала далеку пред своето време и западно европските трендови. Тоа се медиумите, кои во 80-тите далеку по либерално известувале за хомосексуалноста отколку американските, тоа е делот на здравствениот систем кој после појавата на епидемијата на ХИВ и АИДС, пристапил професионално, а не морализаторски како што воглавно се случувало во Франција и Америка.

Во Југославија заразата се третирала како секојдневна зараза, не навлегувајќи во тоа која група преовладува меѓу заболените, иако имало и грди примери. Би истакнал и едно големо име на хрватската и југословенската психијатрија и сексологија, нашиот најпознат, како што го нарекувале тогашните медиуми, југословенскиот доктор за секс, се присутниот во медиумите и писател со изразито богат опус, доктор Маријан Кошичек. Тој во 1986 година во Загреб ја објавил книгата Во рамки на сопствениот пол,  прва и единствена книга за хомосексуалноста во Југославија и една од ретките некогаш објавени во источна, социјалистичка Европа.

Најголемиот придонес на таа книга е тоа што во целост го отфрла секој негативен став кон хомосексуалноста, било во политиката, правото, религијата или комунистичката идеологија. Се смета дека се работи за целосно нормална и здрава појава и на луѓето не им треба никакво лечење туку поддршка да ја прифатат сопствената сексуалност и да ги живеат сопствените животи. Далеку многу пред Западот, Кошичек истакнал дека некој облик на регулација на браковите, и зборува токму за бракот, можеби би бил најдобриот начин за интеграција на хомосексуалците во социјалистичкото општество. Дури спомнува дека и родителството би било мноу добро за самите парови и за општеството како такво. Тоа го напишал во ‘86 година далеку пред било која земја ниту да размислува не само за брак туку ниту за регистрирано партнерство и пред самото геј движење да зборува за тоа.

ТЕЛЕГРАМ: Што се случувало со медицинската регулатива за хомосексуалноста во Југославија?

ДОТА: Слично како и со правото, тука постоеле тенденции на силна патологизација и обиди за лечење, ги лечеле на загрепската клиника Ребро и на други места, но во исто време, зборувам воглавно за 50-тите , во медицинската струка постоеле многу гласни поборници за депатологизација и престанок со лечење. Како поминувало времето, така интензитетот на лечење опаѓал, а интензитетот на заговарање за престанок на лечење, растел. Постои и нешто што јас го нарекувам полу официјален момент кога хомосексуалноста престанува да биде болест. Тоа не било официјално, затоа што за разлика од Америка сме се држеле за меѓународната рамка.

Југословенските психијатри во главниот психијатриски текст од тоа време, во средината на 80-тите, ја отфрлале клафисикацијата на хомосексуалноста како болест, која тогаш така ја дефинирала Светската здравствена организација. Југословенските психијатри, на сопствена иницијатива, ја симнуваат хомосексуалноста од листата на болести истакнувајќи дека не се согласуваат со спротивното тврдење на СЗО. Во медицнскиот сегмент постоеле, не само поединци како Кошичек туку и на едно полу службено ниво постоела прогресивна линија. Најважните лекарски и психијатриски пера со најголемиот авторитет за тоа напишале многу важен текст.

ТЕЛЕГРАМ: Дали намерата на партијата била да се оди во правец на нормализација и декриминализација на хомосексуалноста или до тоа дошло спонтано, со импулс на поединци или групи?

ДОТА: Во општеството никогаш ништо не се случува спонтано. Секако дека партијата неколку пати заседавала и на релативно високи нивоа расправала за хомосексуалноста. Веќе во ‘49 година прогресивниот врв на партијата се залага за декриминализација. Првиот голем предлог за декриминализација доаѓа од врвот на државата, од министерството за правда во 1949 година. Тој предлог е запрен исто така со залагање на врвот на државата, министерството за внатрешни работи. Внатре во себе државата, односно партијата не знаела што да направи. Постојат различни интерпретации што е хомосексуалност и како кон нејзе треба да се однесува во социјалистичкото општество.

Едни велат дека тоа е облик на сексуалност како и секој друг и дека треба да се остават луѓето во својата приватност да прават што сакаат, а други велат, не, тоа се буржоаски, декаденти, отпадници од социјализмот и нив треба да ги казнуваме. Значи не постоела само една линија. Нешто подоцна, во ‘70-тите пак имало состаноци на централниот комитет на тема хомосексуалност и пак постоеле некои разминувања во ставовите, но тогаш надвладеала оваа другата линија според која хомосексуалноста треба да се интегрира во социјалистичката сексуална нормалност и модерност.

Полека, не токму со идеите какви што постоја денеска во либералниот дел од јавноста, али секако треба. Околу службените линии, постојат безброј поединци правници, правни експерти, политичари па и полицајци, психолози, сексолози, медиумски работници кои работат во еден друг правец. Како што минува времето, се повеќе надвладуваат овие декриминализациски и депатологизациски тенденции.

ТЕЛЕГРАМ: Постојат ли некои записи за ставот на Тито околу хомосексуалноста?

ДОТА: Зошто Тито би размислувал за тоа? Тито не бил владетел кој управувал со се, тоа била комплексна држава, а ова било прашање за правниците и лекарите и тие за него расправале. Записи за тоа што мислел Тито постојат, а и да ги има, не би биле важни затоа што одлуките на тоа ниво не ги носел шефот на државата како што не ги донесува ни денеска.

ТЕЛЕГРАМ: Што се случува со односот кон хомосексуалноста после ‘89, распадот на Југославија и војната?

ДОТА: Сите седум постјугословенски држави до денешен ден наследуваат три клучни случувања. Како прво, ‘51 година во цела Југославија доаѓа до декриминализација на лезбејскиот секс, ‘77 година во Хрватска, Словенија, Црна Гора и Војводина декриминализиран е машкиот полов однос и тоа го наследуваме до денеска. Тоа се достигнувања и постигнувања на тој период. Исто така, едно големо движење на сексологијата и психијатријата кон депатологизација и престанок на лечењето е исто така нешто што се наследува во домашната медицинска струка на целиот овој простор од тогаш па понатаму.

А 90-тите се време на силна ретрадиционализација и обнова на некои патријархални и крајно традиционалистички и хомофобни тенденции во општеството, што се случува и поради војната и поради други работи. Поради тоа, 90-тите може да се сметаат за една пауза во јавната и политичката расправа за хомосексуалноста во Хрватска. Словенија тука е нешто побрза затоа што ја избегна војната, али не нешто посебно брза. Ние го добивме животното партнерство пред Словенија. И после, од 2000 па наваму, со тежнеењето на Хрватска кон вистинска демократија или барем обидите да стане таква и со пристапувањто кон Европската Унија имаме вистинско настанување на ЛГБТ движењето и првиот Загреб Прајд. Тука пак земјата се приклучува во некои трендови во Европа на кои била приклучена до крајот на 80-тите години.