Јавен повик до синдикатите за поддршка на првата Парада на гордоста во Македонија

На 29 јуни 2019 година првпат во Македонија ќе се организира Парада на гордоста. Отвореното присуство на ЛГБТ луѓето во општеството предизвикува отпор и омраза, посебно од страна на оние кои воопшто не ги ни запознале. Истиот случај е и со најавата на Парадата. Самата најава предизвика цунами од изјави полни омраза, осуда, повик на линч и насилство единствено поради непознавање на другиот и страв. ЛГБТ луѓето се дел од секое општество и ги има во сите класи и професии. Дискриминацијата, навредите и нападите кои ги доживуваат овие луѓе секојдневно не се само на улица, туку и на работното место. Тие се соочуваат со навредувачки коментари, закани, дискриминација повеќе од 40 часа неделно, пет дена во неделата, а можеби и повеќе.

Левичарското движење Солидарност во 2017 година реализира студија за положбата на ЛГБТ луѓето на работното место и нивната комуникација со синдикатите. Оваа студија е една од ретките кои завлегуваат во професионалниот живот на ЛГБТ луѓето со цел да се видат облиците на дискриминација, негативната работна атсмофера и заинтересираноста на синдикатите за заштита на нивните работнички права. Синдикатите кои се одзваа на повиците за интервјуа дадоа слика која варира од синдикати кои воопшто не сметаат дека имаат ЛГБТ членови до синдикати кои веќе во своите статути ги заштитиле пред тоа да го направи Законот за спречување и заштита од дискриминација. Од друга страна, интервјуираните ЛГБТ работници ги споделија своите искуства кои исто така варираа од комплетна заштита и позитивна работна атмосфера до непријатна и заканувачка атмосфера која создава стрес и страв од губење на работата.

ЛГБТ работниците се работници како и сите други и заслужуваат на работното место да бидат заштитени и уважени. Јавно ги повикуваме сите синдикати да дадат поддршка на првата Парада на гордоста и активно да работат кон создавање сигурна атмосфера на работното место и во рамки на синдикалното здружување.

Студијата можете да ја најдете на следниов линк.