Интервју со Костас Лапавицас: За кризата на Европската Унија, работничкиот интернационализам, односот на периферијата и центарот

Интервјуто е првeнствено објавено на prometej.ba и lefteast. Превод на македонски: Соња Стојадиновиќ

Костас Лапавицас (1961, Солун) е грчки марксистички економист и професор на SOAS Универзитетот во Лондон. Магистрирал во Лондон на London School of Economics, а докторирал на Birkbeck College. Како член на Сириза во 2015 година бил избран во грчкиот парламент. Автор е на повеќе стручни текстови и книги во областа на економијата од кои вреди да се издвојат: Profiting without producing: how finance exploits us all (2013), Financialised Capitalism: Expansion and Crisis (2009), Social Foundations of Markets i Money and Credit (2003). Познат е по својата критика на модерниот западен финансиски систем, посебно на грчката и европската должничка криза, како и на самата Европска унија.

 

Дарко Вујица, Прометеј.ба: Според стандардниот неолиберален наратив, грчката криза е последица на расипништвото на мрзливите грци, а ваквото сфаќање се користи како би се оправдале мерките на штедење кои ѝ се наметнуваат на земјата. Дали би можеле подетално да објасните како дојде до кризата?

Костас Лапавицас: Не постои покритие за претпоставката дека кризата изби поради мрзеливоста или расипничката природа на народот на Грција. Кризата е присутна насекаде во еврозоната, а Грција е нејзиниот најлош случај. По мое мислење, кризата изби поради неспособноста на Грција да функционира во еврозоната, а причина за тоа е пред сѐ германската внатрешна политика. Вистинскиот проблем на еврозоната не се Грција, Шпанија и Португалија, туку Германија и нејзината внатрешна политика. Секако дека Грција имаше многу економски и социјални проблеми, но причината за кризата не е ниту управувањето со финансиите ниту мрзеливоста. Причината всушност беше германската политика која во таа земја ги намали платите, што предизвика некомпетитивност на грчката економија (и на другите економии на европската периферија) што на крај доведе до голем дефицит во билансните плаќања и на тој начин се предизвика огромната криза во 2010 година. Се работи за темелен проблем на еврозоната- проблем на германската внатрешна политика при што Грција е само најлошиот случај кој се произведе во еврозоната. Решенијата кои беа применети во Грција како плановите за спасување со парични и инекции и мерки за штедење, како и неолибералното преструктуирање на економијата само дополнително ја зацврсти Грција на периферијата, без значајни изгледи за раст.

Велите дека проблемот на Европската унија не се земји како Грција, Португалија или Шпанија, туку Германија. Можете ли тоа детално да го елаборирате?

Во Монетарната Унија мора да постојат некакви правила и пракси на кои сите членови ќе се придржуваат. Германија систематски ги кршеше тие правила, посебно правилата врзани за инфлацијата кои се поврзани со висината на платите. Таа ја држеше својата инфлација многу ниско, ги плаќаше своите работници малку, па системски беше под нивото на инфлација кој го пропишува Европската Централна Банка. Правилото си е правило. Не може да биде лошо кога сте над прописите, а добро е кога сте под нив. Да се биде под пропишаните нивоа е исто така кршење на правилата и Германија систематски ги кршеше правилата. Резултатот на тоа е голем суфицит на германскиот трговски биланс со кој таа ја зголеми својата конкурентност. Германскиот суфицит на тековната сметка денеска изнесува 8% од БДП. И тоа е кршење на правилата, но пак казната изостанува. Значи, Германија и нејзината внатрешна политика се систематски проблем на еврозоната. Германскиот индустриски сектор се стекна со конкурентност и моментално извезува низ светот и доминира во Европа. Еврозоната за Германија стана домашен пазар каде таа ги контролира главните политички и останати движења во Европа. Од таму доаѓа проблемот и тоа е моменталната европска реалност.

Велите дека Европската унија е заедница чија цел е заштита на интересите на големите земји на сметка на помалите и дека враќањето на националниот суверенитет е клучен дел од стратегијата за европската левица. Можете ли малку подетално да ја објасните оваа теза?

Мислам дека е многу важно да се разбере она што навистина е реалност во Европа и Европската Унија, не користејќи се со идеолошките термини кои зборуваат за прекрасната солидарност и соработка на европските нации и слично. Сите тие идеи за ускладување, заеднички просперитет, демократско одлучување, очигледно се во судир со реалноста. Она што се појави во Европската унија е структура на јадро и периферија, не ускладеност, не единство, не хомогеност, туку јадро и периферија. Капитализмот во Европа уште еднаш создаде јадро и периферија. Всушност, постои повеќе од една периферија. Постои периферија на медитеранските земји (Шпанија, Грција, Португалија), потоа периферија на земји кои се блиску поврзани со Германија и практично се ограноци на германската производна машина (Чешка, Словачка, Словенија итн) и на крајот постојат земји кои се некој вид на подалечна периферија. Не се во Еврозоната, не се директно поврзани со Германија, остатоци се на Европската Унија (Бугарија, Романија, Хрватска). Тоа е ситуација која се создала во Европската Унија во која сега доминира Германија. Германија не како нација, туку како капиталистички индустриски комплекс кој масовно извезува и создава услови својата земја да биде најголем давател на позајмици. Тоа се случува на сметка на ограничувањата и сузбивањата на платите, т.е. на сметка на германските работници и работнички воопшто. Во таквата ситуација Европската левица мора да ги разбие старите митови на заедница со иста цел, единствена Европа и т.н. Таа мора да ја препознае стварноста и да направи јасни предлози за промени. По моето мислење, тие предлози вклучуваат борба за национален суверенитет, пред се народен суверенитет како и за национален суверенитет. Секако, не во смисол во кој го застапува екстремната десница. Мораме да го вратиме суверенитетот и да го користиме како темел за интернационализмот во Европа- вистинскиот работнички интернационализам- а не интернационализмот на корпорациите и крупниот капитал.

Многу луѓе ја споредуваат ситуацијата во која Грција се наоѓа во последните години со состојбата во Аргентина помеѓу 1998 и 2002 година. Некои сметаат дека Грција би требало да го направи она што го направи тогаш Аргентина и да прогласи банкрот. Што мислите за тоа?

Постојат сличности и постојат разлики помеѓу тие два случаи. Сличностите го вклучуваат проблемот на билансното плаќање, неможноста за конкуретност со мерките за штедење. Главната разлика е аргентинскиот монетарен режим кој овозможи тие да имаат сопствена валута, пезо,со фиксна стапка на конверзија со доларот како задолжитена стапка. Грција е дел од ригидната Монетарна Унија. Кога во Аргентина стана претешко да се одржува фиксната стапка поради растот на дефицитот и кога се применија мерките за штедење, разликата во однос на Грција дојдоа до израз. Така притисокот за мерките за штедење стана сѐ поголем и поголем, Аргентинците и Аргентинките почнаa да ги повлекуваат парите од банките и така ја поттикнаa финансиската криза бидејќи Аргентиската централна банка очигледно не можеше да ја осигура ликвидноста на банките. Во еден момент банките ги затворија вратите и кризата изби. Аргентина била приморана да престане да ги плаќа долговите и конечно се откажала од фиксната конверзна стапка со доларот.

Клучната разлика била во членството о еврозоната заедно со потпирањето врз Европската централна банка. Резултатите од тоа се видливи. Аргентина доби простор, ја помина кризата и се опорави цврсто. Следеа десет години најголем раст во историјата на Аргентина која ги надокнади сите губитоци, а економијата почна да расте. Секако, Аргентина не стана рај, тоа сѐ уште е нееднакво општество, таму сѐ уште имаме немилосрден капитализам, но се опорави. Грција не се опорави. Таа никогаш немаше простор, никогаш не ги испегла своите сметки, никогаш не тргна по друг пат- продолжи да оди надолу. Дали Грција некогаш ќе ја доживее аргентинската судбина? Не знам. Можеби ќе се случи во иднина поради стагнација на Грција. Ќе видиме.

Кои се стратегиите на интернационална соработка? Како да се организира отпорот на периферијата?

Ни треба повеќе од обичен отпор. Отпорот е нешто за што зборувавме во деведесетите и на почетокот на 2000- отпор кон неолиберализмот, интернацоналниот капитализам и т.н. Отпорот не е доволен затоа што тој ја прикажува левицата како исклучиво одбранбена сила која е насочена кон поправање на постоечката состојба.

Ни требаат позитивни предлози. Треба да бидеме активни, имагинативни, треба да им дадеме на луѓето свежа надеж за иднината. Како левица во Европа треба да најдеме заеднички стратегии, но исто така и стратегии кои различно се применуваат на периферијата за разлика од јадрото.

На периферијата ѝ се потребни стратегии за развој, раст, вработеност и пораст на приходите. Земете ја за пример Хрватска која веќе долго време стагнира и од која младите луѓе емигрираат. Земете ја за пример Србија која е во уште полоша стагнација и од каде младите исто така си одат ако им се даде шанса. Ни треба политика за создавање на работни места, економски раст и растечки приходи. Со други зборови, ни требаат јавни инвестиции, реструктуирање на економијата во корист на продуктивните активности. Тоа значи ревидирање на образованието и неговата поврзаност со економијата како и темелна програма за ребалансирање на економијата со цел поголема еднаквост, поголема продуктивност, во која јавниот сектор мора да игра водечка улога, а приватниот сектор мора да најде нова рамнотежа со јавниот. Тоа е она што треба да го предлагаме, но ништо од тоа не е можно без конфликт со Европската Унија, посебно не внатре во европската Монетарна Унија.

Тоа што овој пристап значи за меѓународните трансакции во Европа е тоа дека во најмала рака треба да го контролираме банкарството, меѓународните текови на капиталот и тековите на девизниот пазар. Накратко, треба да ги уредиме економските односи помеѓу периферијата и јадрото на начин кој му пркоси на пазарот. Не сакаме да го вратиме економскиот суверенитет за да овозможиме диктат на слободниот меѓународен пазар, слободен тек на капиталот и неконтролирана трговија помеѓу земјите. Тоа не е работнички интернационализам. Ние сакаме работнички интернационализам кој би ги контролирал тие односи во интерес на работниците и работничките.

Не се согласувате со идејата на Јанис Варуфакис за реформа и демократизација на Европската унија?

Мислам дека тоа е многу лоша идеја која многу ќе ѝ штети на левицата во Европа. Тоа е всушност тоа што Сириза се обиде да го направи 2015 година. „Да ја освоиме власта во Грција и политички да интервенираме во Европа за да создадеме движење за промени, ние можеме да ја трансформираме Европа затоа што сме го освоиле демократскиот мандатот од народот на Грција„. Несомнено се докажа дека тоа е невозможно. Силите на еврозоната и Европската Унија се утврдени, материјално осигурани и испреплетени со големите корпорации. Тие нема да толерираат обид за реформа и ќе ги уништат сите оние кои мислат дека можат да интервенираат во Европската Унија и да ја реформираат од внатре. Тоа е стратегија која била пробана и потфрлила. Тоа е лекција која левицата мора да ја научи. Ни треба стратегија која ќе се спротивстави на етаблираните снаги која ќе оди во директен конфликт со Европската Унија така што ќе предлага различна економска политика.

Помеѓу 2012 и 2015 година Сириза беше пример за стратегија следен од левицата насекаде низ Европа. Кои елементи на стратегија можат да се задржат и применат во денешнава политичка реалност, а кои мора да се променат и кои новини треба да се воведат?

Никакви елементи не смеат да бидат задржани. Сириза е потполно негативно искуство. Единствено што може да се научи од Сириза е што не треба да се прави. Пред сѐ, левицата мора да престане да верува дека може да ја реформира Европа од внатре-затоа што таа тоа не го може. Бесмислено е да веруваш дека можеш да најдеш остроумни аргументи и да ги увериш моќните сили во Европа да се повлечат. Така не функционира европскиот капитализам. Сириза покажува дека, ако навистина сакаме да донесеме промена, треба да се преземе власта за да се создадат можности за креирање на внатрешни политики, за враќање на народниот и националниот суверенитет и тоа да се употреби со цел носење на промени внатре во својата земја и глобално. Секако дека Грција, Хрватска и Србија се мали земји кои би останале ограничени во меѓународното опкружување. Постојат ограничувања во делувањето со инструментите на суверенитетот. Но сепак може да се направи многу на тој начин отколку со користење на опскурни термини за европската солидарност и да се очекува транснационалното движење кое некако ќе ги убеди силите на Европската Унија да прифатат да се реформираат. Тоа не е можно, било пробано, потфрлило и тоа е лекцијата од Сириза.