Во класичната грчка трагедија, на главниот лик му се случува некоја незгода, не секогаш по негова вина, по што следува негово страдање и мачење. Во најновата грчка трагедија, која веќе неколку години се одвива пред наши очи, главниот лик не е некој човек, туку цел еден народ. Народот на Грција.

Се солидаризираме со грчкиот народ денес, затоа што утре истото го чека и народот на Македонија – некои идни генерации – нашите деца и внуци – ќе треба да ги враќаат огромните долгови направени во времето на Груевски, со камата! 

lds_oxi

Пролог, или како сè започна

Многумина велат дека за сè се виновни неодговорните грчки влади, кои години наназад расипнички трошат, заради што јавниот долг на Грција денеска достигнува рекордни (за Европа) 175% од БДП. И, ако се погледне буџетскиот дефицит на Грција од 1980 наваму, навистина се чини дека е така – просечниот дефицит во овој период изнесува околу 7.5% од БДП, што е исклучително високо ниво (Графикон 1).

Графикон 1

1_deficit

Но, доволно е да се погледне структурата на овој буџетски дефицит за да се види дека не е така. Вкупниот буџетскиот дефицит по дефиниција се состои од примарен буџетски дефицит, кој е мерка за трошењето на владата и е еднаков на разликата помеѓу тековните и капиталните буџетските расходи и буџетските приходи, и од каматни плаќања, кои се трошокот за сервисирање на постоечкиот долг. Ако грчкиот дефицит се декомпонира на овие два дела, може да се види дека примарниот буџетски дефицит во овој период изнесува само околу 1% од БДП (Графикон 2). Нешто пониско од примарниот буџетски дефицит на Франција и Велика Британија во овој период, кои изнесуваат околу 1.5%. Значи, Грција трошела прекумерно сиве овие години, исто колку што трошеле Франција и Велика Британија (и скоро сите развиени земји).

Графикон 2

2_primaren

Од друга страна, каматните плаќања во овој период изнесуваат дури 6.5% од БДП! Добра илустрација за нивното значење е ако јавниот долг на Грција се подели на дел кој се должи на прекумерно трошење и дел кој се должи на камати. Така, во 1988, јавниот долг на Грција изнесувал околу 18 милијарди евра (45% од БДП). До 2014, тој пораснал за околу 300 милијарди евра. Од ова, само 45 милијарди се должат на прекумерното трошење, а остатокот – на каматните плаќања. Или, доколку каматите би биле 0, јавниот долг на Грција денеска би изнесувал околу 60 милијарди евра, т.е. 33% од БДП (Графикон 3). Или, со други зборови, на почетен долг од 18 милијарди евра во 1988 и дополнителен долг од 45 милијарди, Грција до 2014 година платила камати од 250 милијарди евра!

Графикон 3

3_dolg

На што се должат овие високи каматни плаќања? На високите камати на грчките кредити. Така, до доцните 90-ти, непосредно пред влегувањето на Грција во евро зоната, каматите на грчкиот долг изнесуваат неверојатни 10% (Графикон 4). За споредба само, каматите на стамбените кредити во Македонија денеска се околу 5%. Потоа, каматата на грчкиот долг малку се намалува, но останува над 5% сè до реструктурирањето на грчкиот долг во 2010 година. За целиот овој период, каматата во просек изнесувала околу 7.5%.

Графикон 4

4_kamata

Заклучокот сам се наметнува – за екстремно високиот грчки јавен долг, главната вина не лежи кај неодговорното трошење на грчките влади, туку кај високите камати на долгот.

Главна епизода, или како ескалираше состојбата

За да го реши проблемот со долгот, Грција во 2009 година почна да ги применува советите на водечките светски организации (подоцна отелотворени во „Тројката“, т.е. ЕЦБ, ЕУ и ММФ). Главниот совет беше едноставен – за да го намалите долгот, треба да го намалите јавното трошење. И, би. Во рок од 5 години, Грција го намали јавното трошење за околу една третина – од 130 милијарди евра во 2009, на 80 милијарди во 2014 (Графикон 5).

Графикон 5

5_trosenje

Ефектите изостанаа. Јавниот долг, наместо да се намали, дополнително порасна, од 130% од БДП во 2009, на 175% од БДП во 2014. Затоа што советот од погоре заборава една работа – дека со намалување на трошењето се убива и економската активност. Така, како последица на наметнатите мерки на штедење, БДП по глава на жител во Грција се намали за околу 22%. За да имате претстава колку е ова многу, знајте дека е ова исто колку што падна БДП во Македонија по распадот на Југославија (Графикон 6).

Графикон 6

6_mkd_gr

Дополнителен индикатор за тоа колку е влошен стандардот на живот во Грција е и невработеноста. Таа во овој период порасна тројно, од околу 9.5% во 2009, на 26.5% во 2014 (Графикон 7). Отприлика, колку што е во Македонија. Особено загрижува невработеноста кај младите, која, слично како и кај нас, надминува 50%.

Графикон 7

7_nevrabotenost

Ексодос, или што да се прави

И покрај оваа хуманитарна катастрофа, „Тројката“ инсистира на тоа дека Грција мора да продолжи со курсот на штедење. Според нив, најлошото поминало, за што говори и фактот во Грција во 2014 оствари минимален раст на БДП. Според проекциите на ММФ, ако се продолжи со овие политики, овој раст ќе продолжи, и Грција во наредните 5 години ќе остварува годишен раст од околу 2% (Графикон 8). Но, со ваков раст, Грција во 2019 ќе биде на нивото на развој што го имаше во 2003 година. Тоа значат 16 изгубени години. Дополнително, невработеноста се проценува дека ќе остане висока и во 2019 (околу 15%).

Алтернативата е Грција да расчисти со политиката на штедење, да си го поврати суверенитетот над економските политики, и да почне да применува политики за поддршка на економијата. Искуството од некои други кризи покажува дека во вакви случаи економиите многу побргу се опоравуваат. Класичен пример е Аргентина, која по кризата од 1998-2002 бележеше раст од околу 7% годишно, сè до светската криза од 2009 година (Графикон 8).

Помеѓу овие две опции избираат Грците на референдумот денеска. Прифаќањето на пакетот од “Тројката” ќе значи, во најдобар случај, бавно и болно заздравување. Одбивањето значи надеж и нуди можност за брзо враќање во живот.

Графикон 8

8_arg_gr

Но, проблемот со кој Грција моментално се соочува не е само прашањето „штедење или трошење“. Коренот на проблемот лежи во високиот јавен долг и во неговата генеза, па оттука, се поставува прашањето дали Грција треба и натаму да плаќа камати на својот долг, имајќи предвид колку има исплатено сиве овие години. Затоа, Грците ќе се соочат со бројни други прашања по референдумот.

А ние? Ние сме сега за сега само гледачи на оваа трагедија. А трагегијата постои токму заради гледачите, за да ги прочисти од прекумерните емоции, преку соочување со страдањето, сожалувањето и стравот. Аристотел ова го нарекуваше катарза. Преку катарзата, луѓето стануваат порационални и подобро можат да размислуваат за животните проблеми. Затоа, откако ќе ја изгледаме оваа грчка трагедија, ќе треба да бидеме способни подобро да размислуваме за суштинските проблеми. Оние проблеми, кои се поголеми и од Македонија, и од Грција. Оние проблеми кои постојано водат одредени држави во кризи и се однесуваат на постојниот глобален економски систем.

Бранимир Јовановиќ

(сите податоци користени во колумнава се од World Economic Outlook од април 2015)