Република Македонија е исправена пред најголемиот предизвик од нејзиното осамостојување, а тоа е конечното воспоставување граѓански суверенитет. Без загарантиран и длабоко втемелен суверенитет на републиката во рацете на сите  нејзини граѓани, остануваат во игра сите поделби инспирирани и водени од внатрешни и надворешни фактори. Иако членот 2 од Уставот на Република Македонија јасно укажува дека „суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните“, и по четврт век независност се чини дека сѐ уште сме далеку од посакуваните идеали за демократско, рамноправно, социјално праведно и одговорно општество, впишани во нашиот Устав. Една од главните пречки за демократска и граѓанска консолидација на Македонија е етничкиот есенцијализам, според кој припадноста кон една етничка заедница се сведува на две-три карактеристики независно од секојдневието коешто можеби укажува на други потреби и услови за да се овозможи достоен живот. Ваквото есенцијализирање често се користи како згоден изговор за несправувањето со суштинските проблеми. Најголемиот број политички партии во Македонија се водат од етничката поделеност како основа за нивното политичко опстојување, иако преку таквото дејствување директно го загрозуваат опстојувањето на секој човек во едно разнолико општество како Македонија.

Повеќегодишната политичка криза издефинира неколку линии на поделба, кои иако не ги произведе, секако дека ги продлабочи. Прва меѓу нив е поделбата помеѓу етнички Македонци и етнички Албанци, кон која придонесуваат водечките етнополитички партии, според кои Македонија е општество поделено на два дела, два „блока“ гласачи, сосе следствените територијални делби по таа линија. Ваквото функционирање на политичките партии, секако, не е ново, но начинот на кој беше практикувано консоцијалното владеење во последниве години не само што ги продлабочи поделбите, туку и уште повеќе го охрабри таквото функционирање. Оваа политика дополнително пропагира и се фокусира на идеи на различност, што неизбежно води до отуѓување, омраза и страв. Покрај тоа, со фокусирањето на јавната дискусија на таква биетничка, односно македонско-албанска поделба, се исклучуваат и занемаруваат сите останати граѓани кои припаѓаат на други етнички заедници, оние со мултиетничко потекло, како и сите кои не чувствуваат изразена етничка припадност.

Но последниве години сведоци сме и на оформувањето на еден инаков идентитет во нашето општество, идентитет оформен околу стремежот кон граѓанска Македонија. За време на долготрајните протести против авторитарното и корумпирано владеење, се здружија граѓани на кои не им беше пресудна  етничката припадност на сограѓаните кои ја бараа правдата и го креваа својот глас по улиците. Спонтано, без законска или партиска обврска, демонстрантите ги врзуваа заедно македонското, албанското, турското, ромското и други знамиња. Таквиот гест упати недвосмислена порака за силата на идејата и потенцијалот за конечно оформување на надетничко, граѓанско општество.

Разрешницата на системската криза во која повторно нѐ втурнаа неодговорните политички елити, со особено истакната улога на вршителот на функцијата  Претседател, во моментов е неизвесна. Извесно е дека етнонационалистичките профитери го искористија таквиот момент за продлабочување на етничкиот јаз, но исто така е извесно и дека се искристализираа позициите и политичката артикулација на граѓаните кои се свесни за неопходноста од конечно надминување на етнополитичките поделби.

Корените на ваквиот демократски подем секако се подлабоки од овие две години кризна состојба. И во 1991 и во 2001 македонските граѓани покажаа присебност и свесност за замките на етнополитичките манипулации. Од пасивни и реактивни, овие демократски определби прераснаа во проактивни низ бројните протестни движења во последниве неколку години. Преку 5-то мајските демонстрации во 2015 година и присебните реакции, веќе следниот викенд, на сериозната закана од кумановските случувања, овие граѓански протести продолжија засилено и во текот на 2016, јасно демонстрирајќи ја подготвеноста за граѓанска република ослободена од стегите на етнополитичките манипулации.

Во Левица за првпат се појави и официјална политичка партија која се заснова на наднационална и надетничка платформа, а истовремено и СДСМ се профилира сѐ појасно во тој правец. Покрај тоа, бројни се и граѓаните вклучени во различни граѓански здруженија и иницијативи, коишто се водени првенствено од поривот за социјална правда, рамноправност и достоинствен живот на нивните сограѓани, притоа не занемарувајќи ги специфичните позиции во кои се наоѓаат одредени маргинализирани и малцински групи во нашето општество. Бегалската криза и поплавите во Скопско поле ја потврдија огромната подготвеност на прогресивните граѓански активисти и хумани луѓе кои здружено помагаа кога тоа беше неопходно. Таквата солидарност е силен сигнал за новиот правец по кој ќе се развива нашата република и ќе продолжи да биде движечка сила против понатамошните поделби на македонското општество.

Левичарското движење „Солидарност“ ги повикува сите наши сограѓани и сограѓанки на присебност и истрајност на нашиот заеднички пат кон граѓанска Македонија. Македонија во која луѓето нема да се делат, туку ќе се здружуваат во заедничката борба за праведно општество на рамноправни граѓани и граѓанки. Макотрпна и долга е борбата што е пред нас. Тоа е борба против неолибералните политики кои ги обесправија работниците и го урнисаа работничкото и синдикалното движење, против неконтролираната капиталистичка трка за профит која ги пустоши заедничките добра и ресурси и ги узурпира јавните простори, борба против загадувањето и уништувањето на нашата животната средина и осиромашувањето на земјата и на нашите поколенија. Се бориме и против неолибералните политики за приватизација на здравствениот систем, како и против намерното урнисување на квалитетот на образованието, кое треба да произведува недоописменети и неосвестени политички субјекти. Ова е борба којашто не ни го дозволува луксузот на поделби. Ова е борба којашто мора да нѐ сплоти во една непоколеблива и неодминлива политичка сила со која ќе се избориме за подобра иднина за сите нас. Борбата продолжува!