Го споделуваме говорот на Соња Стојадиновиќ од првомајскиот протестен марш кој годинава за одржа во понеделник на 2 мај 2016 година, со почеток од 17 часот со собирна точка пред Домот на градежниците – Скопје, организиран од потписниците на Повелбата за солидарност преточена во ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС.

ГОВОРОТ на Соња: Борбата за работничките права во Македонија стана борба за основни права за живот. Во последните десет години работникот е понижен и згазен на ниво на роб во роболадетелско општество. Но единствената разликата е во тоа што ланците кои ги носат нашите робови и робинки не се видливи, тие се впишани во законите кои ги создаваат ланците. Нашите робовладетели седат во политичарските и бизнисменските фотељи крваво бранејќи го својот незаконски стекнат капитал.

Мртвите работници ни се секојдневие. За 5 години ни загинаа 150  работници кои се водат само како бројка, а дали некој знае да ги каже нивните имиња?

Се сеќаваме ли на Ласте Богатиновски и Горан Трајковски кои животите ги дадоа за изградба на мегаломанско стиропорскиот проект Скопје 2014? На колку работници на тој проект не им се исплатени договорените плати, прекувремените работни часови, повредите на работно место?

Колку жени го изгубиле работното место откако побарале породилно отсуство или договорите не им биле продолжени откако бременоста стигнала во поодмината фаза? Минатата недела имавме прва судска пресуда во историјата на независна Македонија за дискриминација врз основ на бременост. Тоа е почеток, но мора да стане пракса!. Како можеме да донесеме и подигнеме здрави поколенија кога самите немаме основни услови за живот и работа?

Во меѓувреме сите  наши синдикати се во менгеме, притиснати од власта да играат по нејзината музика, а таа музика е претворање на работникот во безгласно штрафче кое лесно се менува после употреба. Нема поеднакви и попочитувани работници, ако аршинот не е ист. Неправдата нанесена на колега работник ни се одразува и нам ако се доживуваме над другите. Таа нправда ја прави и некој друг работодавач за на крајот да имаме многу неправди истурени на улиците. Сите сме работници без разлика дали држиме пенкало или чекан во раката.

Мораме да ја продолжиме борбата на улица! Мораме да ја продолжиме и преку институциите бидејќи тие институции се за нас и од нас. Нема мир додека нема права и достоинство!

Ќе победиме!

ГАЛЕРИЈА