Ѓорги Пулевски: Спорот со името влијае на работничките класи, но сигурно не на капиталистичките елити

Текстот на Ѓорги Пулевски првенствено е објавен на ektosgrammis.gr, и е сублимат од неговото излагање на анти-националистичката трибина во Солун која се одржа на 02.02.2018 година во организација на фракција од грчката партија Popular Unity.

Спорот со името помеѓу Македонија и Грција многумина го перцепираат како можеби еден од најапсурдните билатерални конфликти. Сепак дел од народот во Македонија и Грција очигледно го сметаат спорот за есенцијален проблем и се подготвени да жртвуваат многу бранејќи го својот став. Политичките елити се свесни за ова. Тие се оние кои ја имаат конструирано оваа реалност и ја употребуваат како алатка за да фасцилираат незадоволство и да го насочат јавното мислење од вистинските проблеми со кои и двете држави се соочуваат – како образованието, јавното здравство, сиромаштијата и невработеноста.

За нас, спорот нема никаква смисла, особено во контекст на тоа колку и има наштетено на Македонија. Спорот придонесе за економското фијаско од 90-тите, го помогна бруталното националистичко владеење на Груевски, и што е најважно – го загуши сојузот помеѓу работничката класа на Грција и Македонија. Дополнително, ја хендикепираше соработката помеѓу грчката и македонската левица – ние сега имаме подобро партнерство со српската и хрватската. За волја на вистината, Антинационалистичката Антимилитаристичка иницијатива создадена од страна на левичарските движења од Грција и Македонија во 2008, веднаш откако Грција стави вето на влезот во НАТО на Македонија, со цел да покаже дека има луѓе и на двете страни кои се подготвени за соработка, толерација и разбирање е само еден светол пример на пријателство и политичка организација помеѓу активисти од двете држави.

Обновените напори да се реши спорот за името изненадија многумина, и оправдано. Новата „конструктивна“ атмосфера не произлегува од органска соработка помеѓу Грците и Македонците (ни во минатото, ни во сегашноста) и дефинитивно не е резултат на добрите односи помеѓу владите на двете земји. Вистинскиот проблем е што разговор за резолвирање на „различностите“ и постигнување „компромис“ никогаш не се случи, за да можеме да дознаеме зошто ова се случува, кој го води процесот и со која цел. Да беше прашање на две леви/социјалистички влади кои преговараат – сценариото ќе беше поинакво, и ние, ќе бевме среќни да учествуваме и трошиме голем дел од фокусот и енергијата на него.

Но овие нови случувања не се резултат на природен процес, тие се поттикнати од империјалните сили на САД и ЕУ, чија агенда е да го забрзаат влезот на Македонија во НАТО, и да се подготват за самитот на НАТО во јули. И двете национални влади се само „држави кои се повлечени во поголеми империјалистички игри, дел од растечкиот антагонизам помеѓу САД и Русија (Pangiotis Sotiris).“

Правење на било каква одлука во сегашната политичка ситуација е меч со две острици. Дали да се прифати име наметнато од надвор и во процесот да се загрози „националното себе-идентификување“, или да се заштити можноста за преживување на државата, што наводно НАТО ја гарантира? Во Македонија, неуспехот на преговорите, грчкото вето и неможноста да се влезе во НАТО е (често) поврзувана со колапс на државата, бидејќи закани за сукцесивни движења за постигнување на големо-албански или големо-бугарски аспирации константно се зголемуваат, а НАТО се перцепира како гаранција за преживувањето на македонската држава. Но НАТО е истовремено причина и последица на оваа несигурност. Со самото одржување на идејата за безбедносна закана, НАТО го оправдува своето постоење.

Со барањата, грчката влада (од позиција на моќ) наметнува решение од позиција на супериорниот владетел на античкиот континуитет. Ако прифатиме дека сите нации се буржујски конструкти кои како форма го гарантираат капиталистикиот начин на произведство, и ако прифатиме дека оваа идеја е релевантна и за формирањето на грчката национална држава, тогаш присвојувањето на античката историја и правото да се менува името во нешто неприфатливо за македонската јавност се анулира. Единствениот двигател кој ги оправдува овие напори е политичката, воената и економската моќ на Грција во меѓународната заедница, која и самата е изградена и организирана по принципи кои го афирмираат глобалниот капитализам.

Оваа ситуација не постигнува ништо долгорочно, ги распалува национализмите на двете страни од границата, и додава масло на огнот, како што покажува и формирањето на новите радикални десничарски партии и во Грција, и во Македонија. Нивниот подем го материјализира светото тројство помеѓу клерикалните, комерцијалните (како навивачките клубови) и фашистичките тенденции, и е само едно одвлекување од вистинските борби на двете држави – и уште една пречка за меѓугранично обединување на работничката класа.

Што се однесува на македонскиот радикален десен фронт, нивото на мобилизиација на разочараните членови на ВМРО-ДПМНЕ, поранешната десна партија на власт, која сега го поддржува Зоран Заев во преговорите со Ципрас, останува да биде видено. Во изминатата недела, се оформи нова партија, или да бидам попрецизен – се ребрендираше – „Обединета Македонија“, која отворено се залага за сојуз со Русија и влез но (непостоечката) Евроазиска Унија. На уличниот фронт, активистите на националистичкото движење „Тврдокорни“ се обидуваат да го зголемат членството преку протести и агитација, посебно кон фудбалските навивачи. Но знаејќи ја двопартиската култура, треба да се остане скептичен за нивниот прогрес.

Друга идеја за која треба да се биде скептичен се Македонските иредентистички тенденции. Македонскиот народ не „падна“ на националистичката жар на претходната влада и која се обиде да го изрежира чувството дека Македонците се единствените наследници на Александар. Овој општествен инженеринг беше неуспешен. Како што покажуваат дел од анкетите, идентитетот кој се уште доминира кај народот е оној словенскиот, а не оној на античките Македонци.

Дополнително, кога ќе се земе предвид дека степенот на сиромаштија во Македонија е секогаш меѓу највисоките во Европа, и дека во 2014 Македонија имаше најголема нееднаквост во приходи во регионот на цела Југоисточна Европа, може подобро да се разбере нивото на незаинтересираност на младите луѓе кога се работи за националните политики. Она што тие единствено го сакаат е да ја напуштат земјата. Се проценува дека бројот на Македонци кои извадиле бугарски пасоши е 100.000, или 5% од популацијата – излез кој им овозможува пристап кон европскиот пазар на труд, инаку затворен за Македонците кои не се од држава-членка на ЕУ, што ги прави двојни државјани на Бугарија и Македонија. Заклучокот е дека по 26 години од почетокот на процесот на транзиција од социјализам во капитализам, македонските политички партии не успејаа да создадат своја буржоазија, и идеологија која принципиелно ја поддржуваат. Она што успејаа да го направат е да ги адаптираат своите политики во служба на олигарсите, и да ги остават македонските граѓани на цедило.

Иредентистичките претензии кај македонскиот народ, кој медиумите и политичарите во Грција се обидуваат да претстават дека се во подем може да се сметаат само како фантазија, и ништо повеќе од тоа.Тврдењата за иредентизам не се основани во реалноста кога ќе се спореди воената разлика помеѓу Македонија и Грција. Сите наводни траги од иредентизам беа остранети од Уставот со амандмани направени во 1992. Овие стравови од иредентизам од страна на мала, осиромашена земја, со речиси непостоечка воена моќ се едноставно празна реторика, што е уште поочигледно кога ќе се споредат со барањата на Ердоган за ревизија на Лозанскиот договор и соодветното барање за присвојува на 18 грчки острови.

Како заклучок – спорот со името влијае на работничките класи, но сигурно не на капиталистичките елити. Грчките финансиски елити биле, и се уште се значително инволвирани во македонската приватизација. Од 1991 навака, грчкиот капитал речиси секогаш бил еден од првите три наголеми инвеститори во нашата земја, а народот на Македонија и Грција треба да види точно колку добро нивните капиталистички елити работат заедно и како нив спорот не му влијае воопшто.

За крај, опасноста што ја носат плановите за отворање на 14 рудници за злато, сребро и бакар во Македонија тлее во региони каде главниот извор на средства е земјоделието. Во Грција постои долга и важна историја на борби против интернационални рударски компании, и во време кога македонските прогресивни сили се подготвуваат за отпор, да се учи од искуствата на Грците би било бесценето. Ова е само еден пример – можностите за прекугранична соработка се безбројни. Може да постои солидарност и антинационалистичка соработка помеѓу двете земји, нашата борба против национализмот може да биде заедничка, да го употреби нашето заедничко комунистичко минато и во сегашните, и во сите идни борби.

Да се осигураме дека ова ќе биде нов почеток за сегашните и иднините здружување, бидејќи, како што рекол Хесиод: „Лошиот сосед е несреќа, колку што добриот е благослов (πῆμα κακὸς γείτων, ὅσσον τ᾽ ἀγαθὸς μέγ᾽ ὄνειαρ).