ЛД Солидарност внимателно ги следи настаните кои се развиваат. Сметаме дека е разнишан уставниот поредок и демократските институции на Република Македонија и сметаме дека владата нема легитимитет да владее ниту ден повеќе!

Во врска со изјавата на  пратеничката Ермира Мехмети, за потребата од преодна влада на чие чело би бил припадник на албанската заедница,  „ЛД Солидарност” како надетничкa и антинационалистичкa организација смета дека не е важно од која националност ќе биде личноста што ќе биде на чело на преодната влада, но особено е важно  да се овозможи враќање на демократијата и социјалната правда, и организирање слободни и демократски избори, по спроведени сериозни подготовки.

Со други зборови ЛД Солидарност ја охрабрува ДУИ доколку размислува да излезе од владата, тоа јасно да и го соопшти на јавноста, наместо да го насочува јавното мислење кон прашања кои им даваат сила и идеи на национал-шовинистите.

ДУИ меѓудругото, побара и доби поддршка од граѓаните на Македонија и според тоа ДУИ има морална и политичка одговорност да се повлече од владата која го изгуби легитимитетот.

Политичката криза во земјава, која го разоткри грдото лице на манипулативното и авторитарно владеење е вистински момент за темелна реформа на политичките партии во граѓански и надетнички политички субјекти кои ќе ги интегрираат пошироките слоеви од повеќе етнички заедници во извршните тела со одлучувачка моќ, без етикетирање и лицитирање во опортун момент кој им дава сила на националистичките струи во Македонија.

cropped-header631