natoДо кога уште ќе се оптоваруваме со тоа пусто НАТО? Зачленувањето во НАТО е голема неостварена желба на македонските владејачки кругови уште од осамостојувањето на Македонија, значи повеќе од 20 години! Од пристапувањето кон програмата Партнерство за мир во 1995 година, дури 16 и пол години (!), ние како држава стоиме во предворјето на НАТО, чекајќи да се смилуваат на нас и да нѐ примат! А никако да нѐ примат!

Дали навистина НАТО е до толку вреден за ние толку да се сосредоточуваме на нашето зачленување во НАТО? Или некој до толку почна да си верува на сопствената пропаганда што почнува да го занемарува рационалното размислување? Ако не ништо друго, последниот самит на НАТО во Чикаго и зацементирањето на позицијата статус кво во однос на Македонија мора да предизвика конечно отворање на дебатата дали навистина е потребно и пожелно Македонија да стане членка на НАТО. Во прилог на развивање на таа дебата, овде ќе се осврнеме на еден од неколкуте мита што се шират во врска со НАТО, митот дека Македонија ќе станела побезбедна ако се зачленела во НАТО. Има и други митови, како оној дека зачленувањето во НАТО ќе резултирало со економска благосостојба, понатаму, дека зачленувањето во НАТО било услов за зачленување во ЕУ итн. Сепак, овде не можеме да се осврнеме на сите нив.

Тврдењето дека безбедноста на Македонија ќе се подобри со зачленувањето во НАТО се темели врз еден голем превид. Едноставно здраво за готово, без вклучување на умствените капацитети, се читаат темелните документи на НАТО, ако воопшто тие и се читаат. Во исклучително важниот член 5 од Северноатлантскиот договор, најважниот документ на оваа организација, стои дека земјите-членки на НАТО се обврзани при „оружен напад“ врз некоја земја-членка воено да и помогнат на таа земја-членка. Само по себе е разбирливо дека овде под оружен напад не се подразбира внатрешна граѓанска војна, која би избила во некоја земја-членка, туку само оружен напад однадвор, од страна на некоја трета земја, нечленка на НАТО.

Ова фактички значи дека на Македонија НАТО би и дал безбедносни гаранции при агресија од некоја земја-нечленка на НАТО, но дека зачленувањето во НАТО не подразбира негово автоматско вмешување на „наша страна“ во случај да избие граѓанска војна. Со други зборови, за она што ни треба – НАТО нема да ни помогне, а за она што не ни треба – НАТО ќе ни помогне (?!) И за сето тоа, Македонија, оваа наша сиромашна земја, уште треба да и плаќа финансиски придонеси на таа организација? Па, уште и да учествува во окупација на друга земја (мислам на Авганистан), иако таа друга земја ништо не ни има згрешено!?

За да стане појасно, можеме тоа вака да го опишеме. Тоа ви е како куќата во која живеете да е под ризик од пожар, а некој сака да ви продаде влезна врата што ги има сите безбедносни нишани. А вие, наместо да се интересирате како да спречите да избие пожар во куќата, целото внимание сте го насочиле на таа ултрабезбедна влезна врата. Не многу рационално однесување, ќе се согласите.

Да појасниме уште малку. Настрана од политиката на ширење неосновани стравови и вештачко потхранување на чувството на небезбедност, на Македонија реално не и се заканува опасност од агресија од Грција, Бугарија, Србија, Албанија, па дури ни од Косово. Единствената реална опасност од загрозување на безбедноста во Македонија е избувнувањето меѓуетнички судири како резултат на влошувањето на меѓуетничките односи. Сите немили настани што ни се случија од почетокот на оваа година тоа јасно го истакнуваат. Но, како што покажуваат примерите на Шпанија со Баскијците и на Турција со Курдите, интерните безбедносни проблеми на земјите-членки на НАТО се нивна внатрешна работа и НАТО нема мандат по автоматизам воено да интервенира.

Затоа, наместо да се гаат нереални очекувања дека зачленувањето на НАТО за нас ќе значи апсолутна обезбеденост од конфликти за век и веков, треба да се работи на надминување на меѓуетничката недоверба и национализмот кај граѓаните со различна етничка припадност. Наспроти наводните неидеализирани, „реални“ процени на приврзаниците на „реалполитиката“, на Македонија не и е потребно НАТО. Безбедноста на Македонија ќе се зголеми преку борба против македонскиот и албанскиот национализам, а не преку зајакнување на северноатлантскиот милитаризам.

 

Здравко Савески

Leave a Reply

Your email address will not be published.