Артан Садику е тетовчанец, кој работи во Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје. Образованието како правник го има стекнато во Минхен, Балтимор и во Осло, магистрирал меѓународно право во Амстердам, а моментно е докторант по политичка филозофија. Пред неколку дена напиша есеј со наслов „Национализам и шизофренија“ во кој се осврнува на двете можеби најважни прашања за македонското општество – градењето на меѓуетничките односи и социјалната состојба. Тоа беше повод за интервју со него…

Во Вашиот есеј „Национализам и шизофренија“ велите дека Македонија е поделено општество, унитарна држава, но со бинарна влада – македонска и албанска. Дали е тоа неопходен модус вивенди или темпирана бомба, која некогаш може да експлодира?

Да се биде во обскурен однос со себе за една држава и општество, како прво, значи да не можеш да изградиш поширок консензус за важните чекори кои треба да се превземат, а како второ дека за секој таков превземен чекор мора да трпиш очекувани скандали и несогласувања, кои уште повеќе го провоцираат тој однос. Бинарноста не е едноставен модел на владеење, па затоа не може стриктно да се окарактеризира како функционален или пак како модел осуден на пропаст. Бинарноста во македонскиот контекст е модел кој се одржува себеси токму преку инаугурирање на противречности, чие успешно менаџирање се припушува како успешност на истите оние владатели кои нив ги креираат. Менаџирањето на противречностите се поставува како единствен модел на одржување на државата подалеку од „крајниот расцеп“, а противречностите кои најчесто се од националистички карактер, овозможуваат затемнување на тажната вистина за суштинскиот пропаст на социјалната држава.

Во досегашната политичка практика сме имале коалициски влади со различна идеолошка провиниенција, вклучувајќи го и сегашното релативно долго и прилично хармонично владеење на „бранители и терористи“. Не зборува ли тоа за доволен капацитет за толеранција во критичните моменти, односно дека антагонизмот, сепак останува само на вербално ниво?

Како прво, во Македонија сите политички партии припаѓаат на истиот идеолошки блок, а тоа е неолиберализмот. Делењето на партиите на левица и десница се сведува на наивен лингвистички трик, преку кој ние треба да продолжиме да веруваме во вистински постоечкиот плурализам во Македонија, во кој вистинскиот избор е само оној помеѓу личностите со исти идеи. Заедничкото менаџирање на таквите „критични моменти“ од страна на албанските и македонските политички партии е показател за класната хомогенизација помеѓу тие партии, односно дека на нивото на власт постои силно развиена свест: прво за нивната надредена позиција, и второ, за нивните заедничи интереси кои произлегуваат од позицијата на власт, од која зеднички се делуваа против подредените, а тоа се граѓаните, токму преку измислување на такви моменти. Анатагонизмот помеѓу албанските и македонските партии е во служба на произведување на проблеми за менаџирање, затоа и таквиот антагонизам е менаџиран. Помеѓу овие партии може да постои и вистински антагонизм, но тој никогаш не е од таков вид како оној што се претставува пред граѓаните, значи етнички, кој во последно време веќе се одликува со неговиот автоматизам, како шаблон кој се’ полесно се препознава.

Колку реална штета на меѓуетничките односи нанесуваат инцидентите од типот на оние за време на ракометното првенство или палењето на македонското знаме во Приштина?
Луѓето кои се одаваат на такви дела се, пред се’, за жалење. Тие се отруени со црнилото кое јавно и отворено низ Балканот го промовираат политичките елити. Тоа се елити кои немаат никаква визија, ниту за следните два дена за нивните општества кои ги владеат, загубени во сегашноста на нивното секојдневно профитерство, криминал и корупција. Луѓето кои на оваа вистина на нашата колективна трагедија одговараат со отворена омраза кон други нации и религии, луѓето кои не се во можност логично да ги спојат основните причини за нашето колективно социјално угнетување со начинот и содржината на искажување на нивниот револт и на фрустрација која е последица на тоа угнетување, несомнено страдаат од симптомите на тоа труење. Се надевам дека како општество ќе ја издржиме штетата која од ваквите секојдневни настани ја претрпуваме, едноставно поради фактот што по војните на Балканот, како во Босна, Хрватска, Косово и во Макеоднија, во сите држави се покажува дека сите тие големи приказни за големи нации и држави немаат никаква реална секојдневна релевантност, и оти по тие војни пропонентите на тие приказни заедно си профитираат, а оние што ги преживуваат војните, продолжуваат да се борат за преживување.

Велите дека и медиумите го поттикнаа процесот на градење непријателски слики. Но, зар не треба да јават дека некој скандира навредливо, пали знаме или црта карта на која се одземени делови од државата?

Начинот на кој нашите медиуми ги пренесуваа овие настани е непријателски. Под претекст на осудување на националистичките испади тие ги осудуваа само оние испади на другите, или пак начинот на кој се пренесуваа тие случаи од „двете страни“ беше тотално пристрасен. Сопствените се минимализираа, се образложуваа како тоа било одговор на претходна провокација, а оние од другите се коментираа со секакви погрдни описи и со тенденција на виктимизирање на „сопствените“. Добро е што почнавме наголемо да расчистуваме со такви пораки, палење знамиња, натписи и скрнавења, кои ни го полнеа јавниот простор, но мораме да сме принципиелни и издржани, за да не излезе дека известувањето за ваквите настани оди во полза на оркестрираниот моментум на меѓуетнички тензии, и оти медиумите се само алатка на политичките елити.

Кога би требало да кажете најкратко, од еден збор до неколку реченици, што најмногу им пречи на Албанците во Македонија и ги фрустрира, што би било тоа?

Невработеноста и социјалната несигурност – исто како и Македонците и другите во државава. Она што е најважно, а што најмногу е напаѓано во оваа земја е заедничко за сите граѓани. Тука најмногу не’ боли, и токму затоа молчиме, бидејќи се плашиме. Се’ уште немаме собрано доволно храброст.

Вие сте противник на федерализација и се залагате за уривање на меѓуетничките бариери, односно нагласување на заедничките интереси – граѓански, економски, демократски. Од каде или од што би требало да се почне за да се изгради такво општество?

Јас не верувам во на градењето на тренди-мулти-култи општества, преку неполитизиран граѓански сектор, а уште помалку во романтичните приказни за преовладување на длабоката човекова љубов над поделбите кои се површински. Јас верувам во љубовта кон политиката и политичкото организирање и делување, кое не може и не треба да се изедначи со концептот на политичка партија. Предизвикот е да сфатиме дека партиите кои владеат со нас, си го тераат нивниот меден месец веќе две децении на наш грб, а ние сосе цел тој терет, си наоѓаме сили дури и да се клоцаме. Ние не мора да се сакаме едни со други, љубовта денес тешко се наоѓа и кај браќа-комшии, но јас верувам дека политиката ја имаа онаа моќ на заведување, и возможно е да се мобилизираме околу нашата заедничката љубов кон политиката. Политика која се бори против онаа на партиите. Нашата љубов за социјална правда и сигурност против нивната љубов за власт и профит.

Имате ли сознание, или барем престава колку луѓе, од двата етникума, мислат како Вас?

Немам, и не сакам да имам. Треската на бројките, броењето, изборите, пописите, мерењето, пресметките…, немаат никаква релевантност за вистинската политика која се залага за презентирање, а не за претставување на волјата на граѓаните, под кој претекст се краде, лаже и манипулира. Политичкото ангажирање и политичкото декларирање на одредена политичка вистина не може да се брои или пресмета, туку таа со себе си го носи потенцијалот да она што денеска изгледа невозможно и недостижно, во краток период го трансформира во возможно и достапно. Гледано од сегашната ситуација, од она што сега е важно, јас и моите истомисленици сме ништо, исто како и обичниот граѓанин, но гледајќи од аспект на иднината наназад, можеби сме народот.

На кого е просечниот македонски Албанец повеќе лут: на „своите“ политичари или на Македонците?

Албанците, од она што јас го чувствувам, се разочарани од нивните политички партии, поради нивната неспособност да се справат со социјалните проблеми на овие граѓани, неспособност за која партиите ги обвинуваат Македонците, со цел да ја насочат лутина кон нив. Но, се’ додека има албанска партија, која е учествува во власта таквото обвинување е чиста лага. Да седиш на позиции и да тврдиш дека си неспособен да направиш промена, значи да си одаден на лични материјални интереси. Или е лага или е интерес, трето нема.

Дали се промени односот на Албанците кон државата Македонија од 2001. до денес?

Односите на групи на граѓани со државата се детерминираат пред се’ и над се еднострано, т.е. од страна на државата, која е суверена и организирана во низа институции, кои имаат монопол на користење на силата. Поради фактот што моделот на градење на државноста во републиките кои произлегоа од Југославија беше оној на измислување на непријател, пред се’ внатрешен, таа улога во Македонија ја одиграа лбанците. Овој модел се аплицираше со цел да се пополни празниот простор на сувереноста кој настана по рушењето на социјалниот систем, кој федерацијата го воспостави, а за кој немаше место во новата неолиберална идеологија на пазарната економија. Државата требаше да го образложи нејзиното постоење извршувајќи ја нејзината сувереност врз нешто. Забранувајќи им образование на свој јазик и оневозможувајќи им го пристапот кон институциите, односот на Албанците кон државата беше посакуван, планиран ефект. Таквата логика, која не’ доведе до 2001-вата требаше да не’ освести дека секоја политика која се води од националистички мотиви, неминовно репродуцира насилство, било да е тоа структурно или физичко. Односот на Албанците кон државата денес нема никаква посебно својствена специфика за разлика од другите групи на граѓани. Земете ги на пример стечајците, поради односот на државата кон нив, На нивните протести секогаш се изразува разочараност, незадоволство, а и револт кон неа. Политиката за која јас се залагам не е за превземање на државата, туку за нејзино потчинување на волјата на граѓаните, која никогаш не е збир напоединечните индивидуални волји.

Како влијае независноста на Косово врз политичкиот став на Албанците од целиот регион, односно дали придонесе за поголема национална хомогенизација?

Независноста на Косово значеше затворање на историјата на распадот на Југославија. Случувањата во Косово пред војната во 1998., а особено оние за време на војната влијаеја во градењето на заеднички сентимент кај Албанците, кој пред се’ е однос на човечко сочувство. По независноста, Албанците, како и сите други во регионот, се засегнати од општата социјална пропаст во која елитите ги втурнаа нашите општества.

Дали се НАТО и ЕУ решение за нашите внатрешни проблеми, односно дали може да придонесат за нивно релаксирање?

Ако за внатрешни, ги сметате меѓуетничките проблеми, тогаш несфатливо е како членството во овие организации ќе влијае во нивното решавање. Ако преку членството во НАТО и ЕУ алудирате на зголемување на сигурноста и унапредување на благосостојбата на сите граѓани во државава со што би се надминало опстојувањето на етничките поделби, тогаш сосема непотребно чекаме на тоа членство, бидејќи виновниците за социјалната мизерија ни се тука, на власт. Она што деновиве се случува во Грција, која од многу поодмана е и во НАТО и во ЕУ, е доволно за да сфатиме дека дури и да се зачлениме во тие организации, ние сепак ќе мораме сами да си ги решаваме проблемите со корумпираните политички елити, кои во Грција произведоа невиден долг, а во Македонија креирајќи етнички проблеми преку злоупотребување на политиката, произведоа социјална мизерија, па токму затоа немаме зошто да чекаме.

Што е она што Вие како Албанец би сакале да го знаат Македонците за Вашиот етникум, а мислите дека не го знаат?

Јас ниту ги претставувам Албанците, ниту сакам да ги претставувам или да зборам во нивно име. Како што претходно реков, се залагам за преку-албанска, односно преку-македонска политика. Сметам дека Албанците и Македонците знаат премногу за нивните разлики, често дури и си ги измислуваат. Она што мислам дека Македонците не го знаат доволно за Албанците, и обратно, се заедништвата помеѓу нив. За тоа најмалку се знае, најмалку се разговара и најмалку се очекува. Она што Албанците не го знаат доволно за Македонците, и обратно, е дека ако седнат и нивните политички волји ги организираат во политичко делување, без посредување од партиите, ќе завршат со една иста агенда.

Leave a Reply

Your email address will not be published.