4

На последниот собир на т.н. Граѓанско движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) беше јавно испратен повик за затворање на политички непожелни невладини организации и партии. Претходно, во излагањето на делегитимираниот претседател Ѓорге Иванов, тој изрази особен гнев кон левицата. Дента кога нашиот поранешен член, другарот Здравко Савески, сега член на президиумот на партијата Левица, беше приведен и му беше изречена мерка куќен притвор, во дневниот весник „Дневник“ бр.42227 од 25.04.2016 година, излезе текст под наслов „Нема правда-нема мир“ за да има пари! потпишан од авторката Мирка Велиновска (членка на ГДОМ). Текстот се надоврзува на овој фашистички тренд на организирана хајка против македонската левица. За изнесените клевети и инсинуации ЛД Солидарност ќе се обрати до новинарските здруженија. Воедно ќе побараме и правна разрешница. Притоа, статијата на Велиновска не можеме да ја оквалификуваме само како новинарски текст или колумна, туку како очаен обид за наше заплашување додека сме на улиците заедно со илјадници сограѓан(к)и, задавајќи ѝ смртоносни удари на авторитарната и корумпирана власт.

Нашата посветеност на протестите ја тера Велиновска да го опише ЛД Солидарност како терористички „оперативен штаб“ на имагинарните „странски служби“ и „мрачни сили“ кои ја уништувале Македонија. Но Македонија ја уништуваат само и само авторитарните и корумпирани политички елити кои го осиромашија и поделија народот и ја доведоа Македонија до состојба на протекторат. Ние, пак, сме на улиците барајќи одговорност за тоа. Се бориме за правда и демократија. Ова не го правиме ниту за пари, ниту по наредба. Ова го правиме водени од идеали и од вербата дека социјално праведно општество е возможно и дека токму ние веќе го градиме тоа општество.

Ние сме исто така горди на нашите членови кои покажуваат огромна човечност и солидарност со луѓето што бегаат од војни и страдање и им помагаат на оние заглавени во нечовечки услови на македонско-грчката граница. Ако помагањето при дистрибуција на храна и вода ее криминал – тогаш да, виновни сме. Но во текстот на Велиновска, ЛД Солидарност е обвинето за поттикнување судири помеѓу бегалците во Идомени и македонската полиција без приложување на ниту еден доказ – и уште поважно, не земајќи предвид дека после долги недели и месеци заглавеност на границата во нехумани услови, соочени со бодликави жици и огради на сите страни, на бегалците им се насобра толку гнев што на два пати тој се изли без контрола, но и без посебен поттикнувач. Ние немаме интерес да ги бунтуваме бегалците и да ги изложуваме на ризикот после толку долг пат тие да бидат натепани, или пак напаѓани со солзавец и гумени куршуми од страна на македонските безбедносни сили.

миркалинч

Авторката, намерно или не, објавува детали како нашите активности се водат оперативно, претпоставуваме во МВР, под кодни имиња, објавува лични телефонски броеви, имиња на странци… Не навлегувајќи во моментов во (не)точноста на нејзините наводи, се наметнуваат повеќе прашања: Од каде се нашле податоците кај авторката? Дали МВР ја следи работата на ЛД Солидарност? Дали нашите телефонски броеви и другата електронска комуникација се следени? Дали МВР слободно ги дели разузнавачките податоци на мегафоните од власта со цел да се повикува на линч на одредени луѓе и групи?

Крајно малициозно, во текстот се објавени и лични информации на наши членови, а се прозиваат и луѓе кои повеќе не се или никогаш воопшто не биле дел од Солидарност, и чии имиња веројатно се земени од одделот за наши публикации на нашата веб страница (публикации кои патем вреди да се прочитаат). Од друга страна, јавно достапни информации на нашата веб страница (како на пример извори на финансирање, или нашата адреса) или пак од Централниот регистар се пласираат како којзнае какви откритија, повторно со голема тенденциозност и пакост. Очигледно е дека целта на ваквиот начин на агитација и пропаганда, типичен за разузнавачкото подземје, е да се насочи гневот на сите оние кои ќе паднат на ваквите небулози кон нас и нашите другарки и другари. Со тоа давајќи им податоци од личен карактер, директно се поттикнува јавен линч на посочените неистомисленици. Но левичарите и левичарките се веќе отрпнати на закани, малтретирања и притисоци, а богами и на ќотек и блиски средби со полицијата и судовите. По минатогодишното петтомајското востание и тринаесеттоаприлскиот бунт оваа година, не чувствуваме повеќе страв, туку единствено мирисот на слободата кој лебди во воздухот низ Македонија!

Левичарското движење Солидарност има голем број активни членови. Многу од нас се дел од сродни организации и иницијативи. Делуваме на многу фронтови и не чекаме ниту избори, ниту протести. Општеството го менуваме секој ден, со секоја наша постапка! Ги охрабруваме сите новинари, вклучително Мирка Велиновска, да ни се обратат за каква било подетална информација и појаснување за нашето делување. Но за да нѐ сопрете, навистина ќе треба да се помачите повеќе!

На нашите соборци и соборки им порачуваме: Наспроти себе имаме противник кој е во паника! Но тоа не значи дека ќе биде лесно до победа. Нивното слепило и афект ги прават попакосни, понепромислени но  и поревносни во обидите да го сузбијат отпорот. Тоа само значи дека нашата борба ќе мора да се засили. Нема правда, нема мир! Аболицијата на криминалците нема да им помине! Иванов ќе мора да си даде оставка! Нема да дозволиме уште едни криминални избори! Нема да дозволиме нови преговори на елитите и дипломатите зад затворени врати, на кои ја решаваат нашата судбина! Се гледаме на протести – во заемна солидарност со останатите антирежимски сили, затоа што деновиве гледаме колку може да биде силен #Протестирам кога сме сите на улица!

Ќе победиме!