Барање за јавно извинување

Овој допис претставува барање за објавување демант или повлекување на текстот објавен на страницата pravosudstvo.mk, од авторот Љубиша Станковиќ, а споделен на интернет порталите libertas.mk и maktel.mk.

Драги новинари,

Воопшто не е тајна дека претходната власт водеше хајки против различни организации и поединци. Во рамките на тие прогони на удар беше и ЛД Солидарност како и поединците кои Вие ги наведувате во вашиот текст.

Еден прогон беше и текстот на насловната страна на дневниот весник „Дневник“ кој излезе на 26.04.2016 година. Текстот со наслов „Нема правда – нема мир – За да има пари!“ напишан од новинарката Мирка Велиновска беше ставен на насловната страна на медиумот. Во текстот новинарката не обвинуваше дека сме наемници, странски платеници обучувани во странски кампови и вратени во Македонија за да ја срушиме државата. Овој текст подоцна беше пренесен и од серија на други медиуми, поради што ние сметаме дека ни е повредена граѓанската чест и углед.

Поради тие причини на 26.07.2016 поднесовме тужба против авторката Мирка Велиновска, уредникот Дарко Јаневски и издавачот Медиа Принт Македонија (МПМ). Основата на тужбата е според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета при што сметаме дека на нас како граѓани ни се повредени честа и угледот и при тоа ги повикуваме горе наведените на граѓанска одговорност за направената штета.

Што се однесува до случајот со МПМ, бидејќи во меѓувреме правното лице влезе во стечај, по сугестија на нашиот адвокат поднесовме барање како тужители да влеземе во стечајната маса. Со оглед на тоа што нашето рочиште против колумнистот и уредникот сеуште трае, што значи дека судска одлука не е донесена, нашето побарување да бидеме дел од стечајната маса беше одбиено. Таа судска одлука целосно ја почитуваме.

Што се однесува пак до Вашиот текст, сакаме да нагласиме дека начинот на кој е пренесена веста е инкриминирачки и наведува на конспирација. Вие како автор сомничаво прашувате каков деловен однос сме имале со МПМ, но притоа не наоѓате за сходно да прашате некој од доверителите лично за тоа што точно се случува. Со оглед на тоа што Вашата вест е сензационалистичка, текстот ќе го пријавиме во Советот за етика на медиумите затоа што сметаме дека не го почитува принципот на барање на информации од сите инволвирани страни. А што се однесува пак до наведувањето дека имаме некаков делов однос со МПМ, тоа веднаш да ви одговориме дека не е точно.

Поради тие причини, учтиво Ве замолуваме да се извините и да го повлечете Вашиот текст или, во најмала рака, да го објавите нашиот демант за да не настануваат забуни во јавноста, а ние да продолжиме слободно да си ги остваруваме нашите граѓански права пред судот.

Со почит,

Здружение за социјална правда – Левичарско движење Солидарност – Скопје
Васко Цацаноски
Александар Ковачевски
Кире Василев
Здравко Савески
Мариглен Демири
Мартин Краљевски
Дамјан Божиновски
Марија Башевска
Дејан Лутовски
Артан Садики
Кирил Бисероски