timthumb

Во наредните редови ви го пренесуваме во целост интервјуто на нашиот член Анастас Вангели за „Фактор.“

ЗА  ПОЛИТИЧАРИТЕ ОДГОВОРНОСТА Е МИСЛОВНА ИМЕНКА

Треба и политичка и морална одговорност, но кој да ја сноси? Одговорност доброволно можат да сносат само чесни луѓе со образ и полна свест за своите постапки, а македонската владејачка класа тоа не е. Треба за момент да ги тргнеме на страна моралните категории, и да се фокусираме на прашањето на односите на моќ во општеството. Впрочем, ниту една револуција не очекува елитата сама да си поднесе одговорност, туку ја обезмоќува и праќа в затвор.

АБОЛИЦИЈАТА ГИ ИЗВАДИ ГРАЃАНИТЕ НА УЛИЦА

Целата шарада со аболициите и сите поврзани далавери (изборите на 5ти јуни, преговорите, натегањата и слично) навистина личат на диверзантска стратегија со цел да се одвлече вниманието и да се купи време до есен. Во моментов, пописот на штетата е следниот: пред-Пржинска влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Здравко Савески и Владимир Куновски во притвор и хајка против новоформираната Левица, неколкумина осудени на условни казни, десетици се предмет на прогонот. Од друга страна можеме да претпоставуваме дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е паднат, но освен ако нема вистинска револуција која вистински ќе ги симне од власт, тие ќе владеат најмалку се’ до наредните избори, кога и да се. Притоа, точно е дека токму одлуката за аболициите го врати народот на улица, но од друга страна тешко е да се спори дека тоа не било очекувано и вметнато во калкулациите.

ПОЛИТИЧКИТЕ ИНТЕРЕСИ ПРЕД ИНТЕРЕСИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ

Но кој да ја знае логиката на македонските политичари – тие преговараат зад затворени врати каде што освен политичкиот интерес во залог им се и сопствените богатства и можност да одат во затвор, цело време имаат доверлива комуникација со домашни и странски „институции “ и пристап до информации кои се непознати за јавноста, а деновиве чувме како некогаш ги процесираат тие податоци – не со помош на стручни лица, туку со помош на гатање и хороскоп! Кој да знае кој е пазарот?

СЕ ЗБОРУВА  ЗА ПАДОТ  НА  ГРУЕВСКИ, А НИКОЈ  НЕ КАЖУВА КАКО ПО НЕГОВОТО ЗАМИНУВАЊЕ

Дали можеби целта на аболицијата беше провоцирање и предвремено излевање/празнење на револтот пред летото? Дали идејата беше по секоја цена да се саботира надежта за фер и демократски избори во догледна иднина? Она што ми се чини е најголемиот „успех“ на диверзијата со аболициите е што речиси никој веќе не говори за тоа каква Македонија ќе се гради по падот на Груевски, а во револуционерни времиња тоа треба да биде централното прашање, кое ги диктира сојузништвата, стратегијата и тактиката.

Горазд Чомовски

До оригиналниот текст може да пристапите овде.