Aнастас Вангели: Де-именување на меѓуграничните односи

Текстот е на Анастас Вангели и е првенствено објавен на грчкиот интернет сајт avgi.gr на 28.02.2018 година. Ние ви го пренесуваме во целост.

Пред десет години, кога грчкото вето за влезот на Македонија во НАТО  доведе до ескалација на конфликтот меѓу Атина и Скопје, група на луѓе од двете страни на границата ги здружија силите за да разговараат за национализмот, милитаризмот и сите форми на експлоатација и агресија во кои нашите земји учествуваа. Како млад активист, бев среќен што сум дел од собирот што го нарековме Антинационалистичка Aнтимилитаристичка Иницијатива – непроценливо искуство за взаемно учење, развивање на солидарност,  кое несомнено даде позитивен придонес во општеството. И покрај тоа што нашата заедничка антинационалистичка иницијатива не влијаеше на политичкиот мејнстрим и не се разви во значајно политичко движење, таа служеше како сведоштво дека во услови на незадоволство и политики на поделба, неколку луѓе во двете земји го искористија моментот за иницирање на многу потребен  прекуграничен дијалог. Јас лично, оттогаш продолжив да пишувам бројни статии и книга за спорот за името, пред да ми „стане преку глава“  од спорот и да се фокусирам на други предизвици.

Десет години подоцна спорот за името е повторно во фокус, овојпат со навидум различен тон: владите во Скопје и Атина генерираа заедничко чувство на итност за решение и се вклучија во проактивен и навидум конструктивен дискурс на двете страни. Се разбира, не постојат гаранции дека решението е на повидок – неодамнешното интензивирање на односите на Македонија со Турција, и грчките корупциски скандали може да сугерираат забавување на прекуграничниот дијалог. Сепак, барем номинално, се чини дека двете влади се чини дека се решени да се справат со она што е прилично скапa тема во однос на домашната политичка поддршка.

Додека ваквите случувања генерално треба да бидат поздравени, тие исто така треба да се видат во нивниот соодветен контекст, што ја прави ситуацијата многу помалку позитивна отколку што изгледа на површината. Преголемиот ентузијазам секогаш носи ризик од превидување на прилично комплицираната поголема слика.

Барем во Македонија, решавањето на спорот за името е изедначено со брз влез во НАТО, цел лажно прикажана како универзален лек за сите видови на безбедносни и политички грижи (и реални и измислени), вклучувајќи го и преживувањето на Македонија како земја – без да се земе предвид не само темната страна на интервенционизмот на НАТО, туку и финансиските трошоци како членка во НАТО, како и политичката несигурност во приклучувањето кон воената алијанса во која најмоќната членка е САД, предводена од Трамп а веднаш по неа доаѓа Турција, предводена од Ердоган. Дополнително, во практика Македонија веќе се наоѓа под „безбедносен чадор“ на САД со Стратешкото партнерство од 2008 година, кое досега служеше како еден вид на компензација на задоцнетото членство во Алијансата – што значи дека членството во НАТО не е толку итно или неопходно како што е прикажано. Друго прашање е и пристапувањето на Македонија во ЕУ, но ова е процес кој дури и ако сè оди според планот, веројатно нема да се исполни пред 2030 година.

Вистинското решение се очекува да дојде во форма на нов меѓувладин договор за одреден префикс на зборот “Македонија” во новото име на Република Македонија кое ќе служи за меѓународна употреба. Постојат нејасни детали за обемот на промените надвор од самиот наслов, кои се однесуваат на јазикот или идентитетот. Сепак, наивно е да се верува дека таквиот договор ќе предизвика значителна промена во општествените практики на именување и референцирање на Македонија. Да парафразирам неодамнешен напис на еден грчки автор, дури и да има промена на името, никој во Македонија со гордост нема да се нарекува себеси “Горен Македонец”, ниту пак Грците ќе престанат да ги нарекуваат Македонците “Скопјани”. Сепак, многу е веројатно дека во случај на брз компромис, двете страни ќе имаат чувство на пораз, што потоа ќе го зајакне национализмот врз основа на дискурсот на виктимизација. Тензијата ќе најде начин да се манифестира – без разлика дали тоа ќе биде преку дупнати гуми на македонски автомобили на Халкидики, или дупнати грчки гуми во Македонија; или преку понатамошно разгорување на националистичкиот популизам. И нема да има гаранција дека некоја идна влада во едната или другата земја нема да го поништи договорот, особено ако се спроведе без референдум.

Во оваа смисла, “решавањето на проблемот со името” е прилично залуден пристап. Може да успее, но може и да пропадне; дури и ако е успешен, ќе има ограничен ефект и многу веројатно повратна реакција. Сепак, тоа не значи дека работите меѓу двете страни треба да се остават како што се – сосема спротивното – има толку работи што треба да се направат! Сепак, треба повторно да ги размислиме основите на односите меѓу Скопје и Атина и да се потсетиме да целиме повисоко од кога било досега.

При изработката на соодветен прекуграничен пристап, треба да размислиме за материјалната реалност на земјите и за потребите на нивното население. При врвот на лудилото за антиквизацијата кај Груевски, луѓето во Македонија велеа: “Не можеме да ги јадеме проклетите национални корени”, алудирајќи на вистинската глад што ја чувствуваат многу Македонци кои живеат во една од најсиромашните и класно раслоени земји во Европа. И не постои сомнеж дека она што ја дефинира Грција и Македонија – и Балканот воопшто – е тешка економска состојба и мрачни перспективи за иднината.

Во нашите анализи на актуелната состојба на балканските прашања, ние веќе немаме луксуз да размислуваме за политиката и за економијата посебно. Немаме повеќе обиди да се гледаме едни со други и нашата поврзаност низ леќите на нациите, границите и разликите – туку преку леќите на заедничките тешкотии и потенцијалот за заедничка борба. За да можеме да инспирираме значајни промени, потребна е прекугранична иницијатива за сеопфатна соработка што ќе доведе до економска интеграција како средство за здружување на силите во пресрет на развојните предизвици – во рамките на пошироката регионална соработка на поширокиот Балкан, регион на десетици милиони луѓе, кој испаѓа дека е една од  најважните стратешки локации. Реториката на пријателство, разбирањето и добрата волја едноставно не е доволна – треба да почнеме да размислуваме за агендата за поврзување, депериферијализација и редистрибуција.

Регионалната економска соработка, се разбира, веќе постои како идеја. Освен надворешните актери кои ги промовираат своите визии за економската архитектура на Балканот, значаен момент за ова време беше започнувањето на неколку прекугранични разговори и иницијативи, при што балканските лидери ја остваруваа својата агенда во глобалната политичка економија. Се разбира, не треба да се има илузии дека балканските лидери одеднаш се херои – бидејќи не се, и несомнено сé уште ги носат своите стари мани – меѓутоа, промовирањето на иницијативите за регионална соработка е квалитативен чекор напред кој треба да го прифатат сите прогресивни чинители. Фокусот на инфраструктурната поврзаност е добра почетна точка – регионот има значителен инфраструктурен јаз, а изградбата на патишта и мостови е предуслов за секој чекор напред.

Значи, иако предуслови постојат, прашањето е дали Македонија и Грција можат да продолжат со развојот на значајна економска соработка без решавање на спорот за името? Или, да преформулирам: дали двете влади имаат потенцијал да го oстават на страна спорот и да се фокусираат на материјални прашања во иднина? Дали можат да се видат не преку призмата на оспорените симболи, туку преку призмата на неискористениот економски потенцијал и економска комплементарност?

За да се почне да се размислува на овој начин, можеби треба да излеземе од нашата вообичаена перцепција. Обично ги поврзуваме грчко-македонските односи со спорот за името, оспорената историја, можеби европската и евроатлантската висока политика – и од последно време, со мигрирањето на бегалците и европската криза на солидарност. Сепак, јас сум бил изложен на поинакво разбирање и визија за Балканот во една многу далечна земја – Народна Република Кина. Кога зборуваме за Грција и за Македонија, Кина не се ни мачи со спорот за името, туку зборува за модернизација на железничката пруга, за изградба на автопати, па дури и за воден пат по Вардар / Аксиос, зголемување на трговијата и инвестициите и така натаму. Се разбира, кинескиот начин не треба да биде идеализиран, туку да се користи како инспирација да размислуваме „надвор од кутијата“ кога развиваме сопствен идеосинкретичен пристап кон регионалната соработка. Ако Азијците би можеле да ја продлабочат регионалната интеграција под сенката на нуклеарното оружје, зошто ние не би можеле да го сториме тоа во многу поповолна ситуација?

Брз воз од Скопје до Солун, редовен лет помеѓу Скопје и Атина, прекугранична економска соработка, размена помеѓу луѓето, па дури и отворено дискутирање за историските точки на конвергенција и заедништво, ќе направи многу повеќе за билатералните односи на двете страни од она што можат да направат преговорите за префикси и географските квалификации. Дискусија дали е возможен воден пат по Вардар / Аксиос ќе биде многу поплодна отколку дискусија за тоа како да се убеди или да се заобиколи јавноста кога ќе се направи конечниот договор за името. Состаноците помеѓу студентите ќе дадат повеќе разбирање и сочувство од состаноците помеѓу дипломатите. Но, што е најважно, кога ќе се оствари поблиска соработка, координацијата – а потоа и меѓузависноста – самото име ќе стане помалку спорно и ќе има помалку бариери за негово решавање – ако сè уште има потреба од тоа. Во меѓувреме, со разговор и водење на економија, ќе вратиме многу од изгубените можности за регионот во глобалната политичка економија, ќе ја повратиме довербата и ќе изградиме подобра иднина за нас.

Превод: Ѓорги Пулевски