Анархизмот не значи хаос и беззаконие

Последниве неколку години се повеќе го слушам зборот анархија употребен во погрешен контекст. Морам да признавам дека и јас порано, пред малку повеќе да прочитам за анархизмот, мислев дека анархија значи беззаконие, хаос, целосно отсуство на државата да го заштити поединецот. Деновиве одново гледам дека истиот збор се користи во тој контекст, намерно или ненамерно поради не знаење да се обележи анархизмот како најлош облик на идеологија. Во време кога општеството бие битка со неолиберализмот, а во Македонија со најлошиот облик на капитализмот, поддржувачите на суровиот и бездушен капитализам се вртат кон левичарските кругови и идеологии обвинувајќи ги за моменталната ситуација, се со цел да се намали или целосно уништи присуството на левичарската идеологија. Тука одново го користат зборот анархија во контекст на безвластие, лепејќи ја таа етикета на секој облик на левичарење, со цел да се заштити крупниот капитал и неговите материјални интереси. Со овој текст ќе се обидам да дадам кратко, но почисто објаснување што е анархизмот и зошто тој нема никаква врска со беззаконието.

Дефиниција: анархизмот е радикална, револуционерна политичка филозофија и политичка економија. „Самиот збор anarkhia доаѓа од грчкиот збор кој значи „без владетели„ или „без авторитет„. Се однесува на целоснот отсуство на доминација, хиерархија и моќ врз другите. Сепак најконкретната дефиниција ја дал анархистот и филозоф Петар Кропоткин: „принцип или теорија на живеење и однесување според кои општеството е замислено без влада. Хармонијата во таквто општество не се добива со потчинување на законите, ниту со послушност кон било кој авторитет, туку со слободни договори склучени помеѓу различни групи, територијални и професионални, слободно воспоставени заради производство и потрошувачка, како и за задоволување на бескрајните варијации на потреби и аспирации на цивилизираното битие.

Клучни анархистички мислители се Пјер Жозеф Прудон (Pierre-Joseph Proudhon), Вилијам Годвин (William Godwin), Петар Кропоткин (Peter Kropotkin), Михаил Бакуњин (Mikhail Bakunin), Ема Голдман (Emma Goldman) и Макс Стирнер (Max Stirner).   (https://theconversation.com/what-is-anarchism-all-about-50373)

Анархизмот како израз прв пат го употребува Пјер Жозеф Прудон во своето дело „Што е сопственоста“ во 1840 година декларирајќи се себеси како анархист. Во своето дело, анархизмот делумно го објаснил како анти-државна и анти-капиталистичка социо-економска теорија. Но, да не скокаме веднаш со етикетите. Според анархизмот државата е инструмент со кој владеачката класа ја одржува својата класна надредена позиција. Укинувањето на државата значи укинување на класната доминација на капиталистите. Според Прудон експлоатацијата на граѓанинот се појавува во производството, каде што работодавачот ја искористува колективната работна сила. Дополнително тој поставил една од клучните теории на анархизмот дека државата е инструмент на класното владеење и таа не може да биде одделена од целиот систем затоа што е врзана за капиталот. Промената во општеството треба да дојде од работничката класа која треба да создаде индустриско аграрно здружување за да ја спроведе општествената трансформација. Овој пристап подоцна анархистите го примениле во работничкото движење. Иако, Прудон го сметаат за основач на анархистичката мисла, еден факт по малку го побива тоа тврдење. Скоро половина век пред Прудон, Годвин ја поставува теоријата без да го користи зборот анархизам. Тој ја критикува државата и системското насилство, тврдејќи дека државата и нејзината влада имаат лошо влијание врз општеството што продуцира непосакувана зависност. Тој исто така тврди дека законот и легислативата се создадени од богатите и моќните.  (http://anarchism.pageabode.com/anarcho/brief-history-anarchism)

Како и секоја филозофија, анархизмот има варијации и различни гледишта кои помалку или повеќе се разликуваат помеѓу себе. Ставовите на Прудон биле развивани или отфрлани од останати филозофи со што неминовно се развивале и различни струи во периодот после објавување на неговите трудови. Тие биле имплементирани во создавањето на Меѓународното работничко здружение основано после индустриската револуција во 1848 година. Како своевиден развивач на идеите на Прудон се појавува Михаил Бакуњин. Тој сметал дека природен организатор на народната маса треба да се синдикатите. Со генерален штрајк може да се постигне реформа во економијата и социјалниот систем. Новиот поредок во општеството мора да произлезе одоздола, од организирањето на работниците. Овие идеи со имплементација преку Меѓународното организирање на работниците (Шпанија, Франција, Италија и Швајцарија), тврдел Кропоткин, го создале модерниот анархизам.

После пропаста на Париската комуна, Кропоткин тврдел: „Мора да ја организираме работничката сила, а не тие да станат четвртата сила во парламентот. Тие треба да станат машината во борбата против капиталот. Мора да ги организираме работниците од сите синдикати во една иста цел: војна против капиталистичката експлоатација. И мора да се движиме кон таа борба секој ден, ден по ден, со штрајк, со агитирање, со сите револуционерни алатки.“ Овие идеи придонесуваат до создавање на револуционерни синдикати во 1880 година во Шпанија, Куба, Мексико, Аргентина и значителен фактор се во раѓањето на 1 Мај со масовниот штрајк во Чикаго.

Преку револуциите во Русија 1905 и 1917, анархизмот не само што е присутен, туку и се развива и се шири низ целата планета. Најцрниот период го живее со подемот на нацизмот и фашизмот во Италија, Германија и Шпанија, но својот значителен придонес го дава за време на Втората светска војна како дел од сите движења на отпорот. Ако на некого му е полесно да го проголта присуството и придонесот на анархистите во борбата за социјална правда и работнички права, потребно е да знае дека еден од модерните придонеси ги дал и модерниот анархист Ноам Чомски кој го напишал предговорот за делото на Даниел Гверин „Анархизам: Од теорија до пракса.“

Анархизмот ги поддржува и поттикнува кооперативните здружувања во професиите, синдикализмот во заедниците, без разлика дали се тоа заедници во еден град, едно маало или работни заедници, синдикалното здружување на работниците. Како и секоја политичка идеологија, има и свои варијации. Ќе наведеме два правци, различни еден од друг. Едниот е општествен анархизам (social anarchism), а другиот е слободен анархизам (libertarian anarchism). Општествениот анархизам става акцент врз општеството ии ја поддржуа економијата која која ги става под општествена капа средствата за производство. За разлика од овој правец, слободниот анархизам се залага за максимална слобода на индивидуата и волјата на индивидуата ја смета за поважна дури и во едно хармонично општество.

Следниот пат кога ќе сакате да кажете дека некоја состојба е хаотична и дека е безвластие во државата, прескокнете го зборот анархија. И сетете се дека за да се има основни работнички права и стабилна социјална држава, голем придонес дале анархистите.