Родовата рамноправност денес често е гледана пред сѐ од аспект на општествена исплатливост, продуктивност и економски раст. Целта на многу политики е обликување на жените во продуктивни професионалци, иако дури и тогаш, женскиот труд не е еднакво вреднуван. Истовремено, ретко се отвораат прашањата околу трудот кој се вложува во одржување на домот, како и грижата и негата за најмладите и најстарите членови на семејството. Овој труд, особено во услови на исчезнување на социјалната држава, е често непрепознаен и виден како типично женски и бесплатен. Дали тој труд и вештини се економски и општествено вреднувани? Кој и колку ги поттикнува мажите да придонесат кон родова рамноправност во рамките на домот?
Tea_1Во интервјуто во Теа Модерна од 27 јануари 2016 година, нашиот член Александар Оџаклиски ја проблематизира токму оваа тематика. Во авторство на новинарката Ивана Тасев, интервјуто ги пренесува искуствата и на Билјана Поповска.
  
„Нашиот четириесетгодишен соговорник, скопјанецот Александар Оџаклиски, психолог по вокација, образуван во Италија, за своја избраничка ја одбра Французинката Маиниг Л’ Бакер (37), кустос во „Музе де Конфлуонс“ во Лион, Франција. И така, својот живот го пресели во Франција. Откако ја добија ќерката Мина (3) одлучија да дигнат рачна.
„Кога Мина се роди решивме да земеме неплатен одмор, да го напуштиме Лион, купиме комбе и преку Бретања, Сицилија и Албанија да стигнеме до Охрид и Крушево, каде заедно ја поминавме првата година од нејзиниот живот грицкајки ја нашата заштеда. Прекрасна животна средина за почеток на еден живот. Им благодариме на нашите мили роднини и пријатели кои ја закитија со љубов и внимание оваа наша авантура, вели Александар.
Tea_2Откако се вратиле на живото во Лион, Александар останал да се грижи, да ја воспитува и да ја расне нивната ќеркичка, додека неговата сопруга заработува за живот.

Општо познат феномен е дека домаќинствувањето и растењето деца е предмет на страв кај многу балкански мажи, па бегството го бараат во познатата рокада, скок од грбот на мајката, на тој на сопругата. Ги разбирам. Страшно е да се осмелиш да правиш нешто што никој порано од твоите горди машки предци го нема направено. Жените во тој поглед се посмели, а и поттикнати од општеството да станат продуктивни професионалци. Мојот пример е инаков.“
На 17 години, како што и самиот вели, се откинал од „мајчиното тенџере“, заминал за Италија, каде почнал да учи да живее сам.
„Училиште за домаќинство никој не учел. Најчесто се трудиме да ги имитираме родителите. Јас имав многу добар пример за копирање и усовршување според моите потреби и убедувања. Сето ова искуство ми помогна во татковствувањето.“
Tea_3Од самиот почеток се снаоѓал, како и мајките. Немале, и сѐ уште немаат, баби и дедовци на помош. Готвењето и гастрономијата, покрај фотографијата, историјата, градинарството, велосипедот и граѓанскиот активизам се неговата страст – пасија.
„Таа страст се зачнува со љубопитство и уживање на сетилата. Ми беше многу битно да го предизвикам тоа љубопитство и кај моето бебе при неговите први искуства. Знаев дека ќе имаме потоа време да учиме и за здрава исхрана, и за месење и за аранжирање. Инаку, секојдневно се придржувам кон пирамидата на исхрана.“
Поврзани се многу и секојдневно откриваат нови начини на зближување.
 „Лесно е кога имаш време и трпение. Друго и не ти треба. Одврзувањето на спрегите – осамосталувањето е чекорот напред кој го учиме полека. Сѐ е дозволено. Забранетите работи се објаснуваат и дискутираат. Ретките казнувања исто. Потребен е само разговор, договор. Никој не е во право. Но секој има право да си го каже своето. Воспитувањето е обостран процес.“
На прашањето што најмногу го исполнува, во одлуката за ваков животен тек, смета дека потребата за ваков животен стил лежи во некој негов мал, интимен свет полн чувства, нежности, копнежи и стравувања. А за тоа дали му е здодевно понекогаш да ја извршува оваа задача, и дали како маж го фрустрира понекогаш тоа што не гради сопствена кариера, во која повеќето мажи го билдаат егото со заработување пари, креирање моќ, влијателност во системот, Александар вели:
 „Да се биде татко-домаќин не е работна задача. Работните задачи се добиваат на работа. Во работата татко-домаќин сум слободен да го организирам времето и ресурсите во согласност со мојот шеф соработник (детето). Работното место е пријатно, здраво, а честопати и патуваме. Платен сум со внимание, задоволство и љубов како и со симболичен пензиски стаж посветен на домаќините, а регулиран со закон во француската држава. Уредувањето на општеството и системот би го препуштил на жените и би им препорачал да не нѐ имитираат. Ние ја оплескавме. Сепак, понекогаш се прашувам во што ли ќе се изродев доколку татко ми ме пратеше на часови по бокс кога бев мал?!“